И покрај негирањата, документите кои ги поседува „А1он“ покажуваат дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски бил осуден за сторени кривични дела во Германија. Документите се напишани на германски јазик, и покажуваат дека Основниот суд во Ахен донел пресуда во 2004/2005 година дека Милошоски сторил дело, кое во тамошниот правен систем е заведено како „добивање придобивки“.
Документите содржат и број под кој се водел предметот, како и датум на пресуда. Дека му е судено на Антонијо Милошоски покажува првиот дел од документот, каде се внесени негови податоци – име и презиме, датум и место на раѓање, како и адреса на престој во Германија. Во нашиот систем, делото е заведено.
„Опис на прекршокот: Добивање придобивки. Применета регулатива: STGB 265A ABS. 1 (добивање придобивки со измама) в.в. 248 А. (кражба и злоупотреба од мала вредност). 20 дневни глоби со парична казна од 20,00 евра“, стои во описот на документот напишан на германски јазик.
Владејачкиот СДСМ и денеска побара оставка од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, бидејќи бил осудуван за кривични дела во Германија.
„Пратеник кој ги лаже граѓаните не може да ги претставува, фатен во сопствените лаги треба да се извини и да се повлече. Според последните информации објавени во медиумите, поткрепени и со документи, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, бил осуден за сторени кривични дела во Германија. Осуден од суд во Ахен и казнет со парична казна за сторените дела. Според објавениот документ еден од основите за казната се однесуваат на кражба и злоупотреба на мала вредност и придобивки со измама, согласно германското законодавство. Наместо да излезе пред јавноста, да одговори, Милошоски се обиде да се скрие зад социјалните мрежи и несмасно да обвинува други за шпекулации. Антонијо Милошоски, докажаниот извор на лажни вести, и близок соработник на Мицкоски е фатен во нова лага. Ова е крајно нечесен однос од ВМРО-ДПМНЕ кон граѓаните. Ништо не се менува во оваа партија, се уште заробена во криминалната режимска матрица. Ова е скандал кој целосно ги потопува Милошоски и Мицкоски, но и го нарушува меѓународниот углед на земјава“, изјави Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
Антонио Милошоски, пак, обвини дека зад сето ова стои СДСМ кој, според него, изминатите седум години прави афери преку фалсификување. Тој тврди дека станува збор за спин и за дезинформација.
„Фалсификувања пасоши фалсификување на вистината за Смилковско Езеро фалсификување за смртта на Никола Младенов на малата Тамара, фалсификување на датумот за ЕУ и на таков начин се обидува да се спаси себеси или деградира опозициски критичари. Во тој контекст само ќе напоменам уште еднаш дека ваквите спинови, ваквото дефокусирање и ваквите дезинформации само докажуваат дека СДСМ останува на својата основна дејност преку фалсификувани дезинформации да ја замајува јавноста за да избегне од реалните теми дискусија за хибриден режим корупција и голема невработеност“, изјави Милошоски.