Извршниот одбор (ИО) на СДСМ вечерва даде согласност за првите кандидати за градоначалници на претстојните локални избори за 19 општини, по завршувањето на внатрепартиските постапки.
Како што соопшти партискиот лидер Венко Филипче, за општина Центар кандидат е актуелниот градоначалник Горан Герасимовски, за Аеродром д-р Александар Трајановски, за Ѓорче Петров Костадин Ацевски – претседателот на ОО на СДСМ, за Чучер Сандево, исто така актуелниот градоначалник Сашо Коменовиќ, за Крива Паланка актуелниот градоначалник Сашко Митовски.
Утврдени се кандидати и за Берово, претседателот на општинската организација Илија Рунтевски, за Лозово, Ацо Велковски, за Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев, за Богданци, Блаже Шопов, за Дојран, Ристо Џинев, за Могила – Зоран Ристевски, за Неготино, Петар Мантев, за Новаци, Љубе Кузманоски, за Росоман, Стојанче Николов, актуелниот градоначалник, за Вевчани, претседателот на ОО Стефан Радиноски, Крушево, актуелниот градоначалник Томе Христовски, Ресен, претседателот на општинската организација Александар Бузлевски, Штип, исто така, претседателот на општинската организација Павел Иванов, како и претседателот на општинската организација во Општина Гази Баба, Влатко Митовски.
Овие кандидати се избрани врз основа на принципите коишто ги наведовме дека ќе важат за кандидирањето на овие луѓе. Избрани се со прилично широк консензус во општинските организации, луѓе кои што имаат и кредибилитет и легитимитет да ја побараат довербата, некои за првпат, некои повторно од граѓаните, рече Филипче.
Според него, актуелните градоначалници во општините во Центар, во Крушево, во Крива Паланка направиле вистинска променам општините и градовите станале целосно нови во времето на нивните мандати. – Сметам дека се луѓе кои што можат да излезат пред граѓаните и може слободно да кажеме дека сè што ќе ветат ќе биде исполнето согласно нашата програмска заложба, која што ќе биде градена врз основа на вредносните принципи, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој рече дека и во останатите општински организации активно се одвиваат процесите за утврдување кандидати и најави дека ќе ги објават имињата за многу скоро време во наредните недели.
Има општини, како што рече, во кои разговараме да поддржат и други кандидати освен од СДСМ.
За кандидатите што ги објави Филипче согласност треба да даде и Централниот одбор на партијата.