Република Северна Македонија се заложи да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 82 отсто до 2030, споредбено со нивото од 1990 година. Министерството за животна средина и просторно планирање ја достави својата втора национална заложба за климатска акција пред Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC), бележејќи ја обновената посветеност кон исполнувањето на Договорот од Париз од 2015 година во кој светските лидери универзално се согласија да преземат климатска акција за ограничување на растот на глобалната температура под 2 степени целзиусови, правејќи напори за ограничување до побезбедната граница од 1,5 степени целзиусови.
Според договорот, информираат од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), земјите се согласуваат да развијат заложби за климатска акција, исто така познати како „национални придонеси“ („Nationally Determined Contributions – NDS“), кои заедно ќе помогнат во справувањето со глобалното затоплување. – Договорот исто така ги повикува земјите да ги ревидираат и зајакнат нивните придонеси еднаш на пет години. Сепак, се повеќе е очигледно дека мора да се преземат итни мерки за да се променат тековните неодржливи трендови, водејќи до високи очекувања за амбициозни заложби од владите кои нема да занемарат никого, посочуваат оттаму.
Неколку клучни компоненти од македонската заложба се: 63 политики и мерки ќе го отворат патот кон декарбонизација на целата економија, поткрепени со силна економска логика која покажува намалени трошоци во споредба со тековните економски политики; адресирање на социјалниот аспект преку создавање на речиси 8000 зелени работни места до 2030 година, од кои барем 27 отсто од ќе им припаднат на жени; се потенцира доминантната улога на приватниот сектор кој учествува со 85 отсто од целосната инвестиција потребна за реализација на мерките и политиките во индустрискиот сектор; поместувањето кон циркуларни економски модели може да ги намали емисиите за 951 Gg CO2-eq годишно, да создаде 2740 нови работни места и да генерира 47,17 милиони евра во економијата до 2030 година – доволно за да биде контратежа на емисиите од отстранувањето на цврстиот отпад и емисиите од индустрискиот и секторот за процесирање на отпад; воведување на индикатори за род во дел од политиките и мерките со цел посоодветно да ја адресираат родовата компонента на климатските промени; квантификацијата на балансот меѓу Целите за одржлив развој и Националните придонеси покажува дека синергијата е три пати поголема од потребата за компромис меѓу двата сетови на цели; примена на иновативен виртуелен пристап за младинска консултација кој обезбеди гласот на младите да биде преточен во Националните придонеси, потенцираат од УНДП.
„Република Северна Македонија постави навистина амбициозни климатски цели за нашите Национални придонеси за координиран и кохезивен одговор на климатските промени од страна на Владата и општеството. Постои јасна и профитабилна можност за намалување на емисиите на стакленички гасови како централен елемент на зајакнатите Национални придонеси. Со тоа ќе се овозможи земјата да мобилизира значителен капитал далеку над националниот буџет“, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
„Овозможувањето на зелено опоравување од ковид кризата преку амбициозните Национални придонеси е централен елемент од поддршката која УНДП ја нуди во справувањето со климатските промени. Со поддржување на енергетската транзиција ќе покажеме дека е возможно да се намалат емисиите на стакленички гасови и воедно да се оживее економијата“, рече постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан.