Oколу 100 граѓански организации пред Собранието денеска апелираа итно да се донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Нацрт законот во законодавна постапка во Собранието на Република Северна Македонија е влезен уште од јули минатата година.
Граѓанските здруженија очекуваат дека овој закон ќе помине пред претстојните претседателски избори, но доколку тоа не се случи велат дека ќе продолжат со притисокот во јавноста.
„Досегашното законско решение не ја оствари целта, односно не придонесе кон ефикасна и ефективна заштита од дискриминација. Комисијата за заштита од дискриминација делуваше непрофесионално, необјективно, за комисионери беа назначувани луѓе кои немаат соодветно образование, а дел од нив се познати по своите негативни ставови кон различни категории граѓани“, изјави Драгана Дрндаревска од Мрежа за заштита од дискриминација.
Дрндаревска додаде дека во предлог законот конечно се додадени и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како основи за дискриминација со што ЛГБТИ луѓето конечно добија експлицитна заштита.
„Неприфатливи се аргументите на дел од пратениците против внесувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, бидејќи сексуалната ориентација како дискриминаторска основа веќе постои во македонското законодавство и голем дел од овие закони се донесени и во време на владеачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ“, додава Дрндаревска.
Биљана Дуковска од МППС вели дека борбата против дискриминација е прашање од поширок општествен контекст и е клучно да се разгледува така, не насочена кон една целна група туку како прашање кое што тангира разни заедници и припадници во оваа држава.
„Апелираме итно и неопходно овој закон веднаш да биде ставен во собраниска процедура. Ова не го говорам во мое име, туку во името на разни етнички заедници, во името на Ромите и жената Ромка, луѓето со попречености, сексуалните рабоотници, луѓето кои употребуваат дрога, луѓето кои се пациенти по разни основи, пред сè луѓето сиромашни и исклучени по разни основи“, додаде Дуковска.
„Со овој закон покрај тоа што се уредуваат превенцијата и забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од неа, нејзините промени се однесуваат и во делот на основите на дискриминација односно се менува и дополнува поимникот за дефиницијата за дискриминација. Но, се воведува и сеграцијата која е особено важна за групи како што се Ромите и лицата со попреченост“, вели Дуковска.
Алмира Реџепи од Асоцијацијата „Сонце“ од Тетово вели дека етничките заедници, особено Ромската заедница е дискриминирана во пристап во многу услови, како во ресторани, кафулиња, безени, во областа на вработување, трпи говор на омраза и дека 45% од децата Роми учат во училишта за деца со посебни потреби.
„Жените, особено жената Ромка е сè уште на маргините на нашето општество и има отежнат пристап до здравствени услуги, вработување, а да не зборуваме за вклучување во политиката и носењето одлуки. Ромската заедница е сè уште најдискриминирана“, додава Реџепи.
Симонида Кацарска од Институтот за европска политика вели дека законот за заштита од дискриминација кој се наоѓа во Собранието и неговото донесување е од исклучителна важност за процесот на пристапување на државава во ЕУ.
„Постоечкиот закон не е усогласен со европското законодавство, од 2010 година и ние континуирано оттогаш добиваме забелешка од Европската комисија дека истиот треба да ги вметне сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи, но и дополнителни препораки кои во моментот во законот кој се наоѓа во собраниска процедура се вградени“, додаде Кацарска.
Текст и фотографија: Ангела Петровска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети