ДРАГАН МИШЕВ
Одлична претстава, бравос, свака част мајсторе…ова секако доколку седите во некое кабаре и гледате како магионичарот става гулаби во шеширот, џирибу/џириба едно пуцкање со прстите и оп – гулабите ги снемува.
Така големиот магионичар Мицкоски, во манирот на најголемите илузионисти, направи да ги снема одеднаш македонскиот јазик и идентитет. Служејќи се со старите добри магионичарски трикови на свртување на вниманието на гледачот од вистинската акција, додека ја замајуваше публиката со приказни за новото модерно, пинџурот и други бла-бла-бла дребулии за да се „забавља“ народ, истовремено си буричкаше во шеширот и на публиката ѝ го извади извештајот од кој магично исчезнаа македонскиот јазик и идентитетот.
Останаа подзинати 400 и кусур илјади верни гласачи, од кои околу 216 илјади патриоти со бугарски пасоши, кои ги извадија откако едно утро се разбудија од сон испотени и дезориентирани, некои дури и грчејќи се во солзи, поради тоа што прекуноќ им беше нанесено блгарско самочувствие во пределот на идентитетот.
Останаа и модринките од силното патриотско лупање во градите, додека гордо ја пејат пророчката Заветна… „така е пишано, ништо да не бидеме“…