Аерозагадувањето влијае врз квалитетот на животот кај луѓето, а со подигање на свеста особено кај младите, би се овозможила подобра и поздрава животна средина во иднина, ова беше заклучено на денешната завршна конференција на тема „Квалитет на воздухот и здравствени ризици од загадувањето на воздухот во затворените простории“.
На конференцијата беа промовирани тековни активности во врска со загадувањето на воздухот во затворените простории, односно беа презентирани резултатите од мониторинг кампањата во десетте основни училишта од Општина Карпош, здравствените ефекти од загадувањето на воздухот во затворените простории и препораки како да се подобри квалитетот на воздухот во затворените простории.
Во секое основно училиште биле направени по две мерења, и тоа едно мерење во просек 14 дена и второ во просек седум дена. Се мерел квалитетот на воздухот во ходниците, спортските сали и училниците, со помош на сензори кои овозможуваат симултано мерење.
– Целта на проектот е да се зголеми свеста на јавноста, учениците и наставниците за внатрешното загадување на воздухот во основните училишта и последиците по здравјето на децата од одредена изложеност на загадениот воздух. Организиравме и едукативни предавања и работилници за 500 ученици за загадувачките супстанци на воздухот и негативните здравствени ефекти од згадување на воздухот, рече Филип Стојановски од „Центар за климатски промени“.
Стојановски заклучи дека е важно и по пандемијата да продолжи повисокото ниво на хигиена по воспитно – образовните установи.
Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, пак, истакна дека општината во континуитет со своите активности овозможува зголемување на зеленилото и прочистувањето на воздухот, а воедно и континуирано ги вклучува учениците во различни активности со цел поттикнување на свеста кај децата од најрана возраст.
– Сите ние зборуваме за квалитетот на воздухот во околината, во населбата, во градовите меѓутоа пандемијата на некој начин не принуди да се фокусираме повеќе и на хигиената и на чистотата, но и на воздухот внатре во просториите каде што за жал поради самата пандемија бевме сите принудени повеќе време да поминеме. Ние како општина сме прилично активни на полето на екологијата и на заштита на животната средина особено во овие изминативе три ипол години, бидејќи тоа беше еден од главните движечки мотори во кампањата во која ја добив можноста да ја предводам општината, и логично беше да се посветиме најповеќе на овие заложби, изјави Богоев.
Дополнително информира дека сите основни училишта во општината се со променети врати и прозорци кои што се енергетско ефикасни, како и дека образовните институции, градинките освен училиштето „Аврам Писевски” во Бардовци се со еколошки системи на ладење и на греење и практично воопшто не загадуваат.
На конференцијата учествуваше и амбасадорот на Австралија во Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Рут Карис Стјуарт, која рече дека од проблемот со загадениот воздух се засегнати сите бидејќи како што посочи, квалитетен воздух значи квалитетен живот.
– Сите ќе се согласиме дека квалитетот на воздухот кој го дишеме е клучен за квалитетот на нашите животи. Го поддржавме проектот затоа што се инволвирани децата, се развива нивната љубопитност и желбата да учат, што мислам дека е најважно. Сите знаеме дека едукацијата е многу важна за градење на иднината на едно општество, се надевам дека тоа што го научија сите учесници од овој проект ќе им помогне во иднина донсоно во нивниот понатамошен живот, истакна амбасадорката.
Оцени дека квалитетот на воздухот е глобален предизвик и дека мора сите да делуваме за поздрава и почиста животна средина.
Во рамките на конференцијата беше заклучено дека периодот кога во државава има најголема смртност е воедно и период кога има најголемо загадување и најниски температури, како и тоа дека кога би се достигнале европските просечни вредности на концентрации на честитки во воздухот, би се спасиле околу 530 животи на годишно ниво.
Завршната конференција беше организирана во рамките на проектот „Зголемување на свеста за внатрешното загадување на воздухот во основните училишта“ финансиран од Австралиска амбасада во Белград.