пишува: Сашо Орданоски
[dropcap]С[/dropcap]е плашам дека напорот да им застанеме на патот на криминалот и корупцијата ќе ни пропадне и со новата Влада. Го следам превладувачкото расположение за промена на власта и на локално ниво, на мнозинството граѓани им е преку глава од старо-новите кадри на вмровската Фамилија низ разните градски и селски средини во Македонија, но истовремено – иако без намера да тврдам дека имам детален увид во состојбите – гледам и како целиот „сектор“ на локалниот криминал и корупција (тендерашите, градежната мафија, кафеанските профитери, транспортерите, експертите за бирократските процедури итн.) се подготвува само да ги „превземе“ новите градоначалници и новите општински управи и веднаш да ги стави во „машината“ на наместените јавни набавки за улици и тротоари, за измислени градежни маркички, за „скриени поткровја“, за транспортот на ученици, за греење на општинските згради или за долгите софри по локалните кафеани. А и некои од кандидативе се за машала: уште кампањата за нови градоначалници и советници непочната, веќе се испоседнати по штапските биртии каде се утврдуваат процентите за кубиците и квадратните метри на „обновата“ што ќе ја ветуваат во изборната трка. „Еми, нели треба да има живот за сите?! Нам ни е редот!“, ми вели еден градежник, симпатизер на СДСМ.
Но, не е проблемот само во партиските кадри и политичарите. Мислам дека уште поголем проблем е оној на широката јавност: во Македонија мнозинството граѓани смета дека корупцијата е „нормален“ дел од владеењето, особено на локално ниво. Минатата година една анкета на прилепската невладина организација АГТИС – а и вчера промовираната анкета на Телма/МЦМС, на посреден начин – јасно покажа дека луѓето како да се помирени со тоа дека секоја власт краде, дури значаен процент од населението би ги сметало градоначалниците и за будали ако не се етаблираат за шефови на локалната корупција – проблем им е само дали (ќе) се краде без усул и како, евентуално, и тие да го бркнат прстот во таа тегла со општински џем. Макар некој нивни братучед, зет за сестра, внука…
Со други зборови, корупцијата ни е веќе дел од менталитетот, од нашата широко распространета културно-политичка матрица. Можеби е дојдено време корупцијата да ја озакониме, да предвидиме данок за неа, а потоа да оставиме пазарот да ги регулира и тие односи… Па, да направиме и гугл-мапа на Скопје, на пример, на кафеаните каде, додека го пишувам овој текст, се договараат корупциите: да си знаат граѓанинот во кое бифе се решаваат предметите на Министерство за транспорт, на Градскиот катастар, на општинските градежни инспекции и сл. Може и мобилна апликација да се направи, за да не се губи време.
Затоа, еве однапред еден предизвик за новата власт: Ајде да видиме кој (и дали, кога?) ќе биде првиот уапсен градоначалник по локалните избори заради криминал и корупција? На Заев барем таа градоначалничка проблематика му е кристално јасна, па можеби е ред од тоа, локално ниво да започне нашата антикорупциска менталитетска преродба. Ако тоа не почнеме да го менуваме, џабе ни се нови градоначалници, бидејќи на старите барем се навикнавме.