Министерството за внатрешни работи сѐ уште чека одговор од Обвинителство за покрената кривична пријава против бизнисменот Спиро Чорогунов, сопственик на хотел „Александар 2“, кој во саботата попладне, на 18 мај, го нападна сопственикот на малата менувачница „Бис“ , Бранко Петровски.
Според очевидци, Чорогунов го извршил нападот врз Петровски во најнепосредна близина на хотелот „Александар 2“, кој се наоѓа во непосредна близина и на кафулето „Гарсон“ и на менувачницата. Тешкиот инцидент се случил среде бел ден во строгиот центар на градот, кога Чорогунов му ја фрла малата табла со реклама за менувачницата што таму стои цели 19 години. Откако Петровски се обидува да ја врати таблата, Чорогунов го нападнал со тупаници, го кутнал на земја и продолжил силно да го удира во пределот на лицето.
Епилогот од настанот е тоа што Петровски завршува во болница, на Клиника за неврохирургија, во тешка здравствена состојба, како директна последица од нападот врз него. Полицијата го контактира Чорогунов, кој според извори на ЦИВИЛ Медиа ги убедил полицајците да го остават на мира, затоа што имал приватни обврски – ќе одел на свадба. По завршениот разговор во полициска станица, тој успева да стигне на свадбата па дури и да објави фотографија на Фејсбук.
Во меѓувреме, Петровски таа ноќ по нападот, се наоѓа дома и се гуши во сопствената крв, затоа што во болниците „8 Септември“ и на Клинички центар, немало место за него и покрај скршената вилица, нос и сериозни повреди на окото.
„Уживајте Директоре. Човекот кој денес го претепавте, е стабилен, но задржан во болница со тешки телесни повреди. Ама да не ви реметам свадба. Или може веќе сте на афтер. Уживајте и наспијте се вечер мирно!“, коментираше синот на Петровски таа ноќ на фотографијата на Чорогунов.
Состојбата на Петровски се влошува уште повеќе, така што веќе наредниот ден, по нападот, го примаат на Клиниката за неврохирургија во тешка состојба и сѐ уште се наоѓа таму. Напаѓачот Чорогунов е сè уште на слобода. МВР сѐ уште чека насоки од Основното јавно обвинителство за случајот. За овој настан е обезбедена и видео снимка од безбедносна камера на која јасно се гледа нападот.
„Уште немаме добиено одговор од Обвинителството за покрената кривична пријава. Веќе информиравме дека истиот ден е извршен разговор со осомничениот и дека е известено Обвинителството. За случајот ја информиравме јавноста, а ќе информираме и кога ќе биде подготвена кривичната пријава“, за ЦИВИЛ Медиа изјави Ивица Илиевски, портпарол на МВР.
Соседството го познава Петровски како мирен, тивок и добар сосед веќе 19 години, а кој неодамна извојувал успешна битка со ракот. Со оглед на карактерот, но сигурно и поради терапиите што ги прима, Петровски не бил во можност физички да се одбрани. Веднаш по нападот, Чорогунов гласно му довикнал дека му е криво што не го убил.
„Не знам дали знаете какво е чувството да го гледате вашиот родител претепан. Јас знам. Гадно е. Уште погадно е да бидеш беспомошен. Татко ми е во болница а состојбата е иста, лоша! Ова е фотографија на напаѓачот. Спиро Чорогунов. До неа е крвавата менувачница на татко ми. Денес добив и снимки од настанот. Околните дуќани ми дадоа материјали што фатиле нивните безбедносни камери. Ако не ги прифатат како доказ ќе ги објавам тука. До тогаш ова е тој гнасен сурат!“, објави синот на жртвата на својот Фејсбук профил, инаку менаџер на познатото кафуле „Гарсон“ на кое Чорогунов, според сведоштвата, му фрлил „пик“ уште првиот ден кога почна пренамената на дел од Градски ѕид во хотел.
Чорогунов е сопственик на хотелите „Александар Сквер“ и „Александар 2“ во центарот на Скопје, градежната фирма „Караорман“ и неколку други бизниси. Во јавноста е позната и неговата поврзаност со некои од влијателните луѓе од режимот на Груевски, со кои правдата сè уште војува.
Биљана Јордановска