Ако не можат во Собранието, Владата, институциите, партиите или другите форуми, граѓанките и граѓаните имаат каде да го кажат своето мислење: на медиумската платформа на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
На крајот од работната недела, повеќе од 70 пати во изминатите 18 месеци, ЦИВИЛ отвора простор за директни прашања и пораки од граѓанките и граѓаните до политичарите. Кога велиме ПОЛИТИЧАРИ, мислиме на сите што се занимаваат со политика – на локално и централно ниво, на власт или во опозиција.
Прашањето е едноставно: Која е вашата порака, барање или прашање до политичарите?
Во оваа прилика, ние во Редакцијата ЦИВИЛ Медиа сакаме посебно да нагласиме: секое мислење е драгоцено и добредојдено.
За нас е сосема разбирливо што луѓето се разочарани, лути, огорчени. И треба да бидат во состојба да ги искажат тие емоции. И ве охрабруваме да продолжите така.
Но заедно можеме и повеќе.
Да споделиме искуства за неправдите, корупцијата, грабежот и неспособноста.
Да ги поставиме непријатните прашања.
Да бараме – и да предлагаме.
Нашите животи – тоа што имаме или немаме да ставиме на трпезата, каков воздух дишеме, во какви болници се лекуваме, во какви училишта одат децата – често зависат од оние што се на власт или во администрацијата. Не затоа што се најспособни, туку затоа што некој ги штити.
Секое прашање, секоја сторија за неправда е чекор кон подобар живот. Можеби мал, можеби незабележлив за многумина – но значаен.
Затоа, изразувајте ги емоциите. Но споделете и искуства. Поставете барања. Дајте предлози.
Не се откажувајте.
И – ако верувате дека некој во политиката сè уште слуша – искористете го тоа.
Можеби некои од вас имаат доверба во одреден политичар. И сметате дека токму тој или таа треба да го изнесе вашето прашање на собраниската говорница. Не се колебајте – поставете го тоа прашање.
Побарајте од оние што имаат чест и совест во политиката да го артикулираат вашето барање. Со ЦИВИЛ, заедно, вашите гласови добиваат уште поголема моќ.
Кажете им на властите што се случува во вашиот град, во вашата улица. Побарајте решенија. За тоа ги плаќате. Не за веење знамиња и борба со измислени непријатели – додека со вистинските непријатели ги делат профитите.
Слободата, демократијата и правдата никогаш не доаѓаат сами. За нив се бориме – а кога ги имаме, ги браниме. Секој ден. Секаде.
Заедно. И солидарно.
Вашата Редакција













































