Џелал Хоџиќ од Агенцијата за односи меѓу заедниците во разговор со ЦИВИЛ за меѓуетничката состојба во земјава, мултикултурата и европските вредности, стратегијата „Едно општество за сите“, и состојбите со дискриминацијата и поларизираноста на општеството.
ЦИВИЛ: Како ќе ја оцените меѓуетничката состојба во Северна Македонија?
Хоџиќ: Во значителен дел е доста поправена во изминатите години, и ние веќе не сме сведоци на главни политички теми, во смисла на тепачки меѓу етнички заедници по автобуси, разни инциденти по плоштади и други јавни површини, помеѓу етнички заедници, тој дел може да се види дека во она што се нарекува политичка сцена доминираат социјалните прашања, или тоа што се нарекува прашања важни и за општеството и за државата. Прво го имавме референдумот околу името, влезот во НАТО, минималната плата, тоа се теми кои сега доминираат во македонското општество, и тоа е еден индикатор дека меѓуетничките односи се значително поправени во изминатите неколку години, но, тоа не значи дека тие не се кревки, или дека нема проблеми. Еден од проблемите е индикаторот дека нема доверба во институциите, и како класичен пример, гледаме дека има големи реакции врзано со етничка основа во делот на објавувањето на резултатите од пописот. Повеќето од реакциите се базирани врз етнички момент. Сакам да кажам дека меѓуетничките односи се значително поправени, но и понатаму треба да се негуваат, затоа што развојот на едно општество не е можен ако не се вклучат сите заедници и не се стават во функција на развојот на едно општество.
ЦИВИЛ: Кои се вашите заложби за промоција на мултикултурата и европските вредности?
Хоџиќ: Република Северна Македонија по својата природа е мултикултурно општество. Има една изрека која гласи „различностите се богатство на едно општество“, и јас многу често кажувам дека тоа не смее да остане само како фраза, туку треба да биде ставено во функција на развојот на едно општество, и дека тоа богатство од различности мора да се негува. Заложбата на институцијата од која доаѓам, се однесува на остварување на правата кои им следуваат на помалкубројните заедници според Уставот и законите, во правичната застапеност на овие заедници во институциите, каде на половина важниот дел е образованието на мајчин јазик, негување на културата, употребата на јазиците, симболите, медиумскиот простор, помалкубројните заедници да го имаат својот глас во општеството и да може нивниот глас да допре до институциите.
Важно е да се каже дека во социјалната кохезија Северна Македонија можеби и предничи многу во однос на многу европски држави. Иако, и тука има дел за поправање. Во политичкиот дел, во она што се нарекува политичка сцена, имаме добар дел од политичките партии кои се веќе, она што се нарекува – популистички, или негуваат еден примитивен национализам, и пробуваат да ги нарушат меѓуетничките односи. И, во делот на институции, во дел од нив граѓаните имаат доверба, во дел немаат, а недовербата во институциите може да донесе до момент кој ќе значи потенцијал за нарушување на односите. Остварувањето на правата на помалите заедници во овие области, треба да значи дека институционално се зацврстуваат позициите на помалите заедници, и државата го зацврстува она што се нарекува нејзино богатство. Различностите се богатство на државата и рефлексија на она што е вистинска ситуација на теренот.
ЦИВИЛ: Каде ја идентификувате дискриминацијата и поларизацијата во нашата држава?
Хоџиќ: Според мене, Ромите се најдискриминирани во нашата држава, и ќе треба да се направат дополнителни напори да се интегрираат во општеството, затоа што реалноста е таа, и државата многу губи затоа што еден дел од популацијата е така дискриминиран. Во делот на образованието, помалкубројните заедници имаат потреба да го остварат своето право за образование на мајчин јазик, ама тоа образование на мајчин јазик подразбира и квалитетен наставен кадар, квалитетна структура на учебници, квалитетни услови за работа… Гледаме со години дека правичната застапеност се поправа, но иде премногу споро. Со тек на времето се јавуваат одредени девијации, како што е балансерот, каде што знаеме дека постои злоупотреба на позитивната дискриминација, и ќе треба да се најде еден поефикасен начин помалите заедници да си го остварат правото за правична застапеност на сите нивоа на администрацијата.
Тоа што би сакал да нагласам, е тоа дека критичкиот глас за состојбите внатре кај помалите заедници, не допира до целото општество, се повеќе се гетоизирани, помалкубројните заедници имаат потреба да се зборува за нивните проблеми на еднонационално ниво, не секогаш се приоритет нивните проблеми за поголем дел од граѓаните, државата има серија свои проблеми кои наметнуваат одредена динамика, но тоа понекогаш знае да ги потисне вистинските проблеми на граѓаните од помалите заедници, и дополнително, она што треба да се направи, е да се вложи во негување и промоција на културата на помалкубројните заедници, но не само внатре, туку и интеретнички, за да учат за културите на различните етнички заедници. Имаме јасни индикатори дека влашкиот јазик изумира, и државата ќе треба да најде начин да го сочува и тоа културно богатство.
ЦИВИЛ: Како го оценувате досегашното спроведување на Стратегијата „едно општество за сите“, и што според вас недостасува да се направи во наредната тригодишна стратегија?
Хоџиќ: Сметам дека стратегијата „Едно општество за сите“ е значајна и многу важна за нашето општество. Мислам дека внатре има доста квалитетни мерки, кои кога би се реализирале, би допринеле за уште порелаксирани меѓуетнички односи, инклузија на сите заедници во развојот на сите параметри на нашето мултиетничко општество. Секако дека има и маани, сметам дека треба да се внесат повеќе државни средства, пари, за да се реализира оваа стратегија, и да се динамизира. Ова е една од препораките.
Од искуството што го имам во работата во невладиниот сектор, и сега во Агенцијата, сметам дека стратегијата, во некоја од следните фази, кога ќе тргне во една подинамизирана имплементација, ќе треба да се спушти дополнително и на локално ниво. Животот е во локалната самоуправа, треба да се вклучат локалните невладини организации, да се вклучат повеќе и општините во таа работа, во некоја следна фаза, и преку локалните општини да се вклучат и самите граѓани. Би било навистина грев, еден ваков, многу добар документ, многу добра стратегија, да не се динамизира во својата работа. Со текот на времето може да се појават и слабости, кои ќе треба да се коригираат, но нашата држава имаше потреба од една ваква стратегија.
Дијана Тахири
Камера и фотографија: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Оваа содржина е дел од иницијативите и проектите на ЦИВИЛ за промоција на мултикултурализмот и европските вредности, со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Ставовите и мислењата изнесени во овие содржини се на самите Автор(к)и и не нужно ги отсликуваат официјалните ставови на донаторите.