Музичкиот проект Scared Ketchup (Исплашен кечап), кој се одликува со силни политички и сатирични пораки во своите музички остварувања, излезе со нова протестна поп-панк песна – ICE F**K YOU – посветена на Минеаполис, каде што неодамна федералните агенти ладнокрвно застрелаа две лица на сред улица.
Песната, со повеќе од 730 илјади прегледи, се најде на второто место по гледаност на најпопуларниот видео канал Јутуб, по песната „Улиците на Минеаполис“ (Streets of Minneapolis) од рок легендата Брус Спрингстин со повеќе од три милиони прегледи.
Проектот Scared Ketchup го води Шон Хејнс (Sean Haines), музичар и продуцент, чиј профил на YouTube има речиси 200.000 следбеници. Неговиот бенд продуцира песни и музички видеа на современи социјални политички теми со остар и провокативен тон.
Оваа песна е уште една во низата песни и музички видеа на Scared Ketchup. Претходно, со голема популарност се стекнаа и песните No Kings и No Kings 2.0, со жестока критика и иронија на сметка на американскиот претседател Доналд Трамп.
Од неодамнешните музички и политички ангажирани остварувања на овој проект, се издвојува и песната Frogs Together Strong! посветена на граѓанскиот отпор во Портланд, каде што припадниците на Агенцијата за имиграција и царина (ICE) се „прославија“ исто како и во сите останати градови каде што ги испрати нивниот шеф, Трамп.
Овие и низа други песни, вклучително и Streets of Minneapolis на Спрингстин, се дел од една подлабока традиција на општествен ангажман во американската култура. Преку музика, јавни настапи и уметнички израз, бројни музички ѕвезди, уметници, актери и интелектуалци во САД јавно се вклучуваат во дебати и протести против насилството и злоупотребата на моќта, а во одбрана на човековите права. Голем број американски уметници и естрадни ѕвезди јасно и без колебање преземаат општествена одговорност и ја користат својата видливост за да помогнат во отворање и решавање на важни прашања.
Џабир Дерала













































