Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска соопшти дека шефот на неговиот кабинет, Андриј Јермак, поднел оставка.
Зеленски изјави дека не сака никој да поставува прашања за Украина и затоа денеска ќе бидат донесени некои внатрешни одлуки.
„Кабинетот на претседателот на Украина ќе назначи ново лице за шеф на кабинетот, Андриј Јермак, ја потпиша својата оставка“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање, пренесува Интерфакс Украина.
Претседателот му се заблагодари на Јермак за неговата досегашна работа и рече дека утре ќе одржи консултации за тоа кој би можел да биде новиот шеф на неговиот кабинет, пренесува Униан.
„Сакам никој денес да нема сомнежи за Украина. Затоа денес ги имаме следните внатрешни одлуки. Прво, ќе има измени во Кабинетот на претседателот на Украина. Шефот на кабинетот, Андриј Јермак, поднесе оставка“, изјави Зеленски.
Според објаснувањето од Банкова (претседателската палата), целта е да се покаже дека ниедна фигура, колку и да е блиска до претседателот, не е над законот и над институциите кои се борат против корупцијата.
Главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо, денеска изјави дека претресот на станот на шефот на кабинет на украинскиот претседател, Андриј Јермак, „покажува дека антикорупциските власти во Украина си ја вршат својата работа“, објавува британски Гардијан.
Јермак засега нема дадено детална јавна изјава по оставката. Претходно денеска тој потврди дека во неговиот стан се одвива рација, нагласувајќи на Телеграм дека „целосно соработува“ со надлежните органи.
„Истражителите не наидуваат на никакви пречки. Им е обезбеден целосен пристап до станот, а моите адвокати се на лице место и соработуваат со припадниците на истрагата“, напиша Јермак, пренесува Си-Ен-Ен.
Во соопштение од украинските антикорупциски институции беше наведено дека во претресите учествувале Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) и Специјализираното антикорупциско обвинителство (САПО). Во соопштението не беше прецизирана конкретната причина за рацијата, но таа доаѓа само две недели откако овие две тела отворија широка истрага за наводна шема со провизии поврзана со клучната енергетска инфраструктура на Украина.
Скандалот веќе доведе до оставка на двајца министри и вмеша поранешен бизнис-партнер на Зеленски од неговите денови во забавната индустрија. Вклучувањето на Јермак, човек кој долго беше сметан за „сив кардинал“ на украинската политика, ја крева политичката температура во Кијив.
Ј. Ѓ.
















































