МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Слушам некои теории за заговор, па како нè управува некој и има план и агенда, па нè чипираат и нè водат сите заедно во само ним знаен, но точно определен правец. Сè некако организирано и осмислено и логично. И однапред испланирано.
Некако, многу сомнителна ми изгледа една ваква замисла.
Јас, пак, мислам дека луѓето се однесуваат и делуваат како повеќе кокошки врзани за по една нога со исто јаженце. Секоја влече на своја страна.
Една видела некое семче и влече натаму, друга видела тревче и запнала со сета сила во сосема спротивна насока, трета нешто се исплашила и трча и се обидува да ги свлечка сите. Четврта подзадремала и не ја мрдаш од место ни за жива глава. Петтата и шестата жестоко се џавгаат за смислата на животот. Седмата гледа кон ѕвездите, а осмата има многу јасна претстава каде сака да оди и го цима тоа јаженцето наспроти сите останати.
Правецот на движење е крајно непредвидлив, потполно хаотичен и целосно произволен.
Ако некој може да ги командува и да ги насочи во единствен правец, јас му симнувам капа.