ЗОРАН ИВАНОВ
Посетата на новиот бугарски премиер Кирил Петков на Скопје најавена за 18-ти овој месец, во софиските политички кругови деновиве предизвикува мноштво негативни реакции главно од страна на оние со ментално-политички рецидиви од „живковистичкото“ време.
На својот нов проевропски премиер тие му забележуваат на одлуката тој прв да патува за Скопје, наместо премиерот на Северна Македонија прв да дојде во Софија. Тоа, како што главно посочуваат, треба да биде посета на „баци рака“. Според нивната логика, Северна Македонија е таа која би требело да коленичи пред Софија, а не обратно, Софија да го моли Скопје за компромис.
Но овие персони со влијание во бугарската јавност, идентично со нашите со влијание во македонската јавност, не го забележуваат она што и од авион се гледа.
Имено, дека Петков доаѓа прв во Скопје со цел да манифестира проевропска кооперативност за потребите на „бриселскиот пазар“ и да си наниже поен плус за себе, а не со намера и со било каква можност Софија да го деблокира Скопје.
Човекот од Харвард добро знае дека, дури и да сака, со шовинизмите на своите владини партнери Слави Трифонов и Корнелија Нинова, како и на претседателот на државата, Румен Радев, тоа и за него е невозможна мисија и дека бугарската блокада на македонскиот пат за ЕУ останува затворен и неизвесен.
Затоа, за посетата на Петков на Скопје и посебно за чинот што, наспроти вџашеноста на дел од бугарската политичка јавност, тој прв ќе допатува во Скопје наместо да било обратно, ајде без многу еуфории и кај бугарското демократско и проевропско „малцинство“ и кај македонското преоптимистично и проевропско „мнозинство“.