Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска им се обрати на граѓаните и индиректно потврди дека Кијив се соочува со силен меѓународен притисок поради новиот мировен предлог кој, според Кијив Индипендент, во голем дел ги рефлектира старите барања на Москва.
Зеленски предупреди дека моментот е „едeн од најтешките“ за државата:
„Украина може да се соочи со исклучително тежок избор – или губење на достоинството, или ризик да го изгубиме клучниот партнер. Или 28 комплицирани точки, или најтешката зима досега,“ изјави тој во видео-пораката.
Иако не го именуваше директно американскиот предлог, претседателот рече дека одлуките што следат бараат „смирен дијалог со Америка и со сите партнери“, додавајќи дека националниот интерес ќе биде центарот на украинската позиција.
Во говорот, Зеленски ги повика пратениците и владата да престанат со внатрешни конфликти:
„Мора да престанат кавгите и политичките игри. Парламентот мора да работи во единство, владата е должна да функционира ефективно.“
Претходно неделава, американскиот претседател Доналд Трамп го одобри новиот мировен пакет и порача дека очекува Украина да го прифати „до Денот на благодарноста“, со рок до 27 ноември – рок што во Кијив го оценија како нереален.
Од кабинетот на Зеленски потврдија дека ја примиле рамката од 28 точки и дека разговорите со Трамп ќе продолжат. Зеленски соопшти дека разговарал и со потпретседателот Ванс и со секретарот на Армијата Дрискол, притоа разгледувајќи „многу детали од американскиот предлог“.














































