Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија, 17 мај, има за цел да ги координира меѓународните настани кои ја подигнуваат свеста за прекршувањата на ЛГБТИ+ правата ширум светот.
Главната цел на 17-ти мај е да се подигне свеста за насилството, дискриминацијата и репресијата на ЛГБТИ+ заедниците ширум светот, што за возврат дава можност да преземат акција и да се вклучат во дијалог со медиумите, креаторите на политиката, јавното мислење и поширокото граѓанско општество . Овој децентрализиран пристап е потребен поради разновидноста на социјалните, религиозните, културните и политичките контексти во кои се случуваат повредите на правата.
Во пресрет на Меѓународниот ден против хомофобијата вчера во Собранието нa Република Северна Македонија по втор пат беше изгласан Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој стапува на сила веднаш по потпишувањето од Претседателот на државата, соопштија од Министерството за труд и социјална политика.
Законот за спречување и заштита од дискриминација е т.н. lex generalis, односно не ја уредува детално секоја област на која се однесува. Во новиот Закон се вклучени општи одредби, кои подетално се уредуваат во посебни закони. Законот за спречување и заштита од дискриминација, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група на граѓани. Ова законско решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот.
Коалицијата Маргини во јануари во Судот во Стразбур доби позитивна пресуда во случајот „Х против Македонија“, каде Судот утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транс лицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет.
По одлуката на Судот во Стразбур, Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.
Лицето „Икс“, кое останува анонимно, е роден како девојче, но од своето најрано детство тој се доживува како машко, односно чувствува дека неговиот род не се соодвестува со полот во кој што е роден. Пред девет години ја започнува постапката за менување на полот, со што за него почнуваат правните и административните замки кои ќе го наведат, неколку години подоцна, со поддршка на Коалицијата Маргини, да ја тужи државата во Стразбур.
А. П.