По последните парламентарни избори стана јасно дека Претседателот на државата и Владата на Република Македонија ќе бидат од спротивни политички опции. Со цел да функционираат и двете институции, во пракса, се прави кохабитација при што секој ќе си ја извршува својата уставна улога и има обврска да ги штити националните интереси.
Владата на Република Македонија во програмата 3-6-9, како основен национален интерес го определи долго очекуваниот влез на Република Македонија во НАТО и ЕУ и секојдневно максимално се ангажира истиот да постане реалност. Патот е трнлив и тежок затоа сите општествени и политички институции, поединци во институциите и медиумите треба да работат да го олеснат совладувањето на сите пречки на тој пат. При донесувањето на секоја одлука и реализацијата на одредена активност секојпат треба да се постави прашањето колку таа одлука придонесува кон приближувањето кон целта или пак ќе нѐ оддалечи од истата?
Таква обврска има и Претседателот на Република Македонија кој со последната одлука за отповикување на одбранбеното аташе на Република Македонија во Вашингтон, САД, не водејќи сметка дека во најкритичниот момент ја остава државата без воен претставник во најмоќната НАТО членка при што, случајно или намерно, придонесува да се оддалечиме од НАТО.
Повеќе причини ме наведуваат да заклучам дека во овој случај претседателот не соработувал со Министерството за одбрана на Република Македонија. Прво и основно, указот за отповикување е направен нестручно, односно погрешно е ставена точката од Законот за одбрана, според кој се отповикува именуваниот, така што, наместо указот да произлезе од член 18, став 1, точка 12, со која е пропишано поставувањето и отповикувањето на воени аташеи, аматерски е направена грешка и истиот е поврзан со точка 11 од истиот член и став со која се пропишува унапредувањето на генералите. Погрешно напишан, формално-правно указот е невалиден, а таква грешка професионалците во МО и ГШ на АРМ не можат да направат.
Второ, за отповикување на одбранбеното аташе во МО не се планирани финансиски средства и сега сигурно ќе мора да се пренаменат повеќе од еден милион денари на штета на други активности. Војниците ќе јадат конзерви и ќе одат во искинати униформи, а парите непотребно ќе се фрлат за непланирани селидбени трошоци на одбранбеното аташе. Сега, коректно би било кон граѓаните и пред сѐ, припадниците на АРМ, Претседателот лично со свои средства да ги покрие тие трошоци или отповиканиот сам да си ги плати сите селидбени трошоци за себе и семејството.
Трето, ако полковникот бил планиран да биде поставен на генералска должност во АРМ, зошто само пред две години од истиот претседател е назначен на должноста одбранбено аташе во Вашингтон. Одреденото лице требало да биде поставено на командна должност во единиците на АРМ, а вака, од командир на вод, директно на генералска командна должност, а во блиска иднина можеби и НГШ на АРМ. Ова покажува дека немаме, ама баш никаков, персонален менаџмент, а да не зборуваме за менаџмент по стандардите на НАТО. Менаџирањето со персоналот е во надлежност на Министерството за одбрана, а претседателот, без предлог од министерството, самоволно го повлекува полковникот и си го унапредува.
Следен показател дека нема кохабитација е тоа што Претседателот сите укази ги потпишал како врховен командант на вооружените сили на Македонија, а се врзува за член 18 од Законот за служба каде што Претседателот на Р. Македонија е воедно врховен командант на Армијата. Указите кои се подготвувани и потпишувани од страна на експертите од одбраната, претходно се потпишувани од Претседателот на Р. Македонија.
Последно, во сите три укази е напишано да се извршат веднаш, тоа веднаш за војниците треба да значи дека во истиот момент е извршено. Но, тоа во случајов е невозможно затоа што после указот за отповикување на полковникот, прво Министерот за одбрана требало да донесе решение со кое ќе се регулираат сите прашања во врска со извршување на указот. Претседателот и не чекајќи да биде извршен првиот указ, истиот ден потпишува нови два указа за поставување на должност аѓутант на претседателот, а потоа, без да е примена должноста и указ за унапредување во повисок чин. Истите, исто така, требало да се извршат веднаш.
Професионализам или аматеризам? Професионалците знаат дека прво треба да се предаде едната должност за која треба време, па после да се прими нова должност и откако ќе се прими должноста, да се биде унапреден во повисок чин. Аматерите тоа го „извршуваат веднаш“ со тоа што „веднаш“ временски е неопределено и траеше месец дена, а може да биде и после две години. Како што впрочем беше извршувањето на указот за назначување одбранбено аташе во Германија.
После ваква постапка, се поставува логичното прашање, како понатаму?
Најпрвин, професионалците од МО треба да го вратат указот за отповикување, да се направат исправки во истиот. Второ, во МО да се формира комисија која ќе ги согледа законските одредби и предложи одредени измени, при што предвид треба да ги земат искуствата од други држави. Во најголемиот број на држави, изборот и назначувањето на одбранбените аташеи е во надлежност на Министрите за одбрана. Бидејќи и кај нас по закон менаџирањето на персоналот е во надлежност на Министерството во иднина назначувањето и отповикувањето на одбранбените аташе со чин полковник и пониско да биде во надлежност на Министерот за одбрана, а за генерали надлежноста да остане кај Претседателот.
Втората измена на законот или, поточно, дополнување на законот, со која треба да се пропишат критериуми за унапредување во чин генерал, според кои одреден полковник, за да биде унапреден во генерал, треба минимум последните три службени оценки да му бидат одлични по сите елементи на оценување. Не смее да се продолжи со праксата полковници со оценки два по одреден елемент или со заклучна оценка се истакнува (Многу добар), да бидат унапредени во чин генерал. Сегашниот претседател унапреди тројца полковници во бригаден генерал, вклучувајќи го сегашниот НГШ на АРМ и командантот на ЗОК, со двојки физичко и заклучни оценки „се истакнува“ или „многу добри“. Генералите во НАТО се со одлични оценки по сите елементи, а така беше и во АРМ пред Иванов да стане претседател. Има потреба детално да се опишат кои должности треба да ги извршувало лицето пред да биде унапредено во чин генерал, а не како во последниот случај, највисока командна должност командир на вод или чета, без извршувани други командни и оперативни должности во АРМ. Исто така, за селектираните полковници пред унапредувањето во генералски чин позитивно мислење да даваат НГШ на АРМ, МО и собраниската комисија за одбрана и безбедност.
Трето, МО да предложи измени на формацијата и систематизацијата, при што должноста одбранбено аташе во САД да биде со чин генерал, а аѓутант на претседателот да биде командантот на гардата, пракса која функционира во многу држави. Со тоа ќе се избегне праксата што ја има сегашниот претседател, скоро половина од генералите да биле аѓутанти на претседателот, а претходните претседатели ниту еден.
Претседателот на државата може да не ги сака политичките опоненти кои ја водат извршната власт, но заради заштита на националните интереси треба да соработува со Владата и да не донесува одлуки на своја рака, со што можеби е единствениот во државата што не сака да влеземе во НАТО, а е врховен командант на Армијата.
Како граѓанин на Република Македонија и поранешен офицер на АРМ, ги замолувам надлежните да најдат решение и што побрзо упатат лице на местото одбранбено аташе во САД. Многу е значајно, на најсилниот член во НАТО да му посветиме поголемо внимание. Лицето кое ќе го упатите, треба одлично да го познава функционирањето на армијата на САД, со што побрзо ќе се вклопи во работата.
Авторот е магистер по национална безбедносна стратегија