Се случи и тоа чудо. Опозицијата „лобира“ за преговори! Таа, во чие срце и душа сѐ уште стои почесниот претседател, кој тринаесет години сукцесивно нѐ убедуваше дека „предраспадната“ ЕУ е наша несреќа, сега истата користејќи злобно оружје во битка за бранење лаги, ја обвинува власта за „недостаток на реформи“! Дека „владата на Заев ја упропастила Македонија и затоа нема да добие датум“. Тука е во игра некој врвен талент за превари во стилот – „нашиот голем грев веднаш да го заборавите, а нивниот мал грев вечно да го памтите“. Но, наспроти големата амнезија, сѐ уште многу глави мислат дека не треба да и се верува на таквата структура и тогаш кога се колне дека лаже.
Сите знаат дека ЕУ објективно се соочува со многу свои проблеми: што и како со нејзините внатрешни реформи; како со миграцијата; проблемите со Унгарија, Полска, Чешка, Италија, Брекзит; дискутабилни односи со САД; потребна за регионален баланс во Западен Балкан; избор на европска влада итн. Дел од тие проблеми ја присилуваат Унијата секоја постапка да ја мери со кантарот на златарот. Среќа што нејзината движечка сила е заедничкиот пазар кој е главен столб на Унијата. Но, сепак таа сепак точно знае како треба да дејствува внатрешно, регионално и глобално. Релевантните играчи знаат дека на СРМ мора да добие преговори, но тоа мора да биде со голема политичка елеганција.
Големата слика
Прво, главните играчи на Унијата точно знаат дека ако ги одложуваат преговорите со Северна Македонија, ризикуваат сериозна регионална тензија, оти е сосема извесно дека идната грчка влада од есен ќе ја прават десничарските конзервативци на Мицотакис во коалиција со неколкуте екстремни партии. Голема веројатност е таа влада поради внатрешно популистички потреби, рестриктивно да ги протолкува едни одредби од Преспанскиот договор, со што сериозно ќе ја проблематизира неговата имплементација. Оставката на владата тука е најмал проблем. Но, замислете што ќе се случи ако и тука екстремни десничари формираат влада!? Тоа е исто како мачки и кучиња да ставите во иста вреќа. Тоа може да доведе до повампирување на национализмите, со ризици од блокади при преговорите, кое може сериозно да го предизвикува регионалниот мир. Оти ако сакате да протерате еден ѓавол со помош на друг ѓавол, тогаш ќе имате работа со два ѓавола. Заев неколку пати минувал низ деветтиот круг на пеколот на Данте, и ЕУ добро знае дека сите таму можеме да завршиме ако не го добиеме заслуженото.
Второ, европските играчи знаат дека ако Северна Македонија не ја добие тешко спечалената награда, тоа ќе биде многу лоша порака до властите во Србија и Косово дека не треба многу да трошат од нивниот политички кредибилитет за да го решат спорот, оти наместо златен пехар ќе добијат тенеќе полно со мраз.
Трето, игнорирањето на проевропските сили, ќе доведе до големо разочарување, но и охрабрување на пропутинистичките инсталации во државата и регионот, што на Европа која се соочува со бројни внатрешни проблеми и дискутабилни односи со САД, многу скапо може да ја чини. Кај нас, таквата огорченост може широко да ги отвори вратите за враќањето на минатиот режим во државата, а тоа не е тешко со оглед на тоа што нивниот невидлив црн капитал никако да стане видлив за нашата бела правда, оти нашата Јустиција сѐ уште е среќно мажена за некоја правна-превара. Влијателниот австриски „Стандард“ вели дека во иднина ниедна друга балканска земја нема да влезе во толкави ризици ако не следи награда за Скопје. Тоа ќе има опсежни влијанија за Балкан и за веродостојноста на политиката на ЕУ. И првиот човек на ЦЈИЕ студии на универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, гледа фатални последици доколку не биде дадено зелено светло, за РСМ оти тоа ќе ја втурне владата во Скопје во тешка криза, а на опозицијата, која „веќе аргументира дека промената на името било лековерна“ ќе ѝ даде сила. И тоа државата и регионот насилно ќе ги турка кон други партнери (Русија, Турција, Кина).
Четврто, секому е јасно дека ќе биде големо морално и политичко девалвирање и деградирање за Унијата кога на можните нобеловци ќе им ги врачат наградите оти енормно се самопожртвувале за европски принципи и манири, а двајцата со загубена власт! Тоа е страшна порака за секој иден реформатор. Дури и најголемите европски противници на проширувањето точно знаат дека ако не се наградува европството во Балканот, лесно ќе го добиеме балканството во Европа. Без дилема дека тука влијае и сегашната состојба во Албанија. Имено, Германија добро знае дека ако без тактизирање ја фаворизира Северна Македонија, тогаш ќе се случи насилно уривање на владата на Рама, што пак лесно може да се претвори во опасна спирала и преседан за неколкуте држави во регионот. Но, факт е дека истовремено европејците сакаат да ни пратат силна порака дека ќе треба да се посветиме на длабоките реформи и дека „шлепањето“ на Преспа ќе има ограничено дејство. Тоа јасно беше кажано и во Комитетот за европски прашања на холандскиот парламент од страна на нивниот министер за надворешни работи Стеф Блок.
Малата слика
Малата слика ја сочинуваат бескрупулозните постизборни игри на партиите, поединечно и групно во рамките на државите членки, но и на целата Унија за тоа кој што колач ќе добие во европската влада (Европската комисија). Тука се води гладијаторска битка меѓу блокот парии (ЕПП, либералите, левите, зелените). Башка се рефлексите на резултатите од изборите врз постојните лидери на државите членки (Европскиот совет). И нормално дека кога на ним им гори под нозете, неколкумесечното одложување на преговорите за РСМ не им значи ништо. Затоа е многу тешко преговорите да ги добиеме сега во јуни. Советот за општи прашања на ЕУ (ГАК) ќе се состане од 18 до 21 јуни, но процедурално е тешко можна позитивна одлука поради Бундестагот. Тоа има шанси да се случи во јули (на 23 јули) или пак евентуално кон крајот на септември. Но, без дилема дека ова година тоа мора да се случи. Ситуацијата со пофалби веќе не е одржлива оти со фала не се купува ниту обична мастика.
Опозицијата
Опозицијата со нејзината логика дека секоја загуба на државата е нејзин успех, точно знае дека преговори ќе има, па затоа посакува да се качи на последниот вагон, со голема молитва возот да се расипе. Долго го чекале возот за Москва кој никогаш не пристигнал, но, внимателно си го чуваат багажот на почесниот претседател кој единствено за нешто што нема вина се климатските промени во Арктикот. Со градењето споменици убаво докажал дека го заслужува минатото. Пропуштил златна доба и нѐ вратил во камено доба. А познато е дека најголем злочин е загубеното време. И сега Иванов со сите сопствени заблуди и бенефиции ќе ѝ „помогне“ на државата! Исто како што тоа го правел цели десет години. Веројатно смета на тоа дека кај нас не постои грев што ние не можеме да го заборавиме.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.