Министерот Оливер Спасовски и министерот за внатрешни работи на Косово, Екрем Мустафа, денеска во Приштина потпишаа Договор за реципрочно признавање на возачките дозволи меѓу двете држави и Меморандум за соработка од областа на внатрешната контрола.
„На оваа заедничка средба, заокруживме едно поглавје од целокупниот процес на воспоставување правна рамка како услов за соработка меѓу двете министерства за внатрешни работи. Како резултат од оваа средба, произлегува потпишувањето на Договорот меѓу двете Влади за реципрочно признавање на возачките дозволи, меѓународен акт од кој најмногу полза ќе имаат граѓаните на Република Македонија и Република Косово“, изјави Спасовски.
Реципрочно ќе се признаваат возачките дозволи на возачите кои имаат законски престој на територијата на едната или другата држава, а грааните кои имаат регулирано престој ќе можат без обврска за полагање теоретски и практичен дел од возачкиот испит, да ја заменат својата возачка дозвола за возачка дозвола од истата категорија и поткатегорија на другата држава.
При исполнување на ова свое право граѓаните ќе треба да ја почитуваат административната процедура согласно пропишаните национални законодавства на двете држави.
„Во насока на унапредување на соработката во полициското работење, потпишавме и Меморандум меѓу двете Министерства за внатрешни работи за зајакнување на соработката од областа на внатрешната контрола.
Овој Меморандум има за цел заедничка превенција и репресивно делување на службите за внатрешна контрола на двете држави, во насока на сузбивање на коруптивното однесување на полицијата, со посебен акцент на сузбивањето учество на вработените во организиран криминал, трговија со луѓе, илегална миграција и криумчарење мигранти и други противправни дејства, како и почитување на човековите слободи и права преку различните форми на соработка утврдени со овој Меморандум. Соработката и напредокот на полициското работење согласно нормите и стандардите на ЕУ го поттикнува приближувањето на Република Македонија и Република Косово кон Европската Унија“, додаде Спасовски.
Македонија ваков договор пред неколку месеци потпиша со Германија, а претходно и со Италија, Шпанија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
А. П.