ДИЈАНА ТАХИРИ
Да се нарекува „Српскиот свет“ само идеолошка или културна концепција е грубо потценување. Тоа е стратегија – стара, континуирана и внимателно градена – за проширување на влијание, поттикнување на национализам и, најопасно, легитимирање на амбиции кои директно ја загрозуваат македонската територија и идентитет. Ах, тој идентитет!
И да, ова не е ново. Северна Македонија одамна е на листата на „интересни терени“односно територии и луѓе за еднократни или неколку- кратни употреби, а во случајов за долгорочни, секако, со учество на домашни „волонтери“!
Најновото сведоштво за ова е посетата на српската министeрка за труд и социјална политика во Битола. Таа смело изјави дека Битола и Охрид се српски градови, додека српското знаме го нарече „Знаме на единството“.
А присуството на вицепремиерот Иван Стоилковиќ на оваа церемонија е далеку од случајно. Континуираното присуство на Стоилковиќ на настани со контроверзни српски политичари – како Милорад Додик, и во Македонија и во Србија – ја открива неговата улога: тој не е само сведок, тој е мост за легитимирање на „српскиот свет“ на македонска територија. Со дозвола на владата, секако.
Можеме да го наречеме Стоилковиќ „наивен играч“, што можеби и е, но прашањето е чиј играч? Бидејќи, да повториме, тој е вицепремиер на владата на Северна Македонија, и неговите учества на настаните кои подолу ќе ги наредам хронолошки, не се тајни, туку сосема транспарентни. И тоа не го прави како лидер на својата партија, туку како претставник на Владата, и на сите граѓани ( сакале тие или не)!
Мај 2023 – Конференција во Москва со Додик и српски функционери со анти-НАТО и анти-ЕУ обележја. Одговара ли ова на македонските стратешки интереси?
Јуни 2024 – Стоилковиќ го прими Додик во Министерството за меѓуетнички односи во Скопје. Симболика? Апсолутно. Директно легитимирање на неговата агенда – со амин од власта.
Јануари 2025 – Свеченост по повод Свети Сава во Скопје, говор на Додик, присуство на Стоилковиќ, и тишина од македонската политичка сцена.
Молк од страна на коалицискиот партнер ВЛЕН, но и на опозициската СДСМ. Од што се плашат?
Ова не е само недостиг на државничка одговорност – ова е соучесништво.
„Српскиот свет“ не е културна игра или верски проект. Тоа е стратешка операција. Денес преку паради, церемонии и симболика, утре преку институции и политички структури ( не сум сигурна за утре, повеќе е сега). И секој што молчи пред оваа провокација станува дел од бришењето на македонскиот идентитет, кој се брани со мечеви и копја од Бугарите и сите други, освен од браќата Срби!.
Настанот во Битола не е изолиран. Тој е дел од континуирана, внимателно градена стратегија на Белград за позиционирање на „српскиот свет“ во Македонија, што не ниту тајна, ниту некој се обидува да ја прикаже поинаку, освен некакви млитави изјави…
За крај на овој текст, кој слободно може да се нарече „обид за краток прирачник за првачиња, за блиските светови околу нас“, упатно е да се каже дека прибегнувањето на актуелната влада кон заштита на идентитетот, кога се во прашање државните интереси и интересите на граѓаните, како што е членството во ЕУ и измените во Уставот, може да оцениме дека е во процес на селективно умирање, кога е во прашање братска Србија.
Текстот е личен став на Авторката.