Прашањето на денот „Што мислите за можноста Груевски да се врати во Македонија?“ што ЦИВИЛ го постави на социјалните мрежи, предизвика лавина од реакции, во кои доминираат гнев, недоверба и цинизам кон институциите.
Дел од граѓаните се убедени дека евентуалното враќање на Груевски нема да значи и соочување со правдата.
„Ќе се врати и нема да оди во затвор, дури пак ќе влезе и во политика без никаков проблем“, пишува еден корисник, изразувајќи длабока недоверба во правосудниот систем.
Други реагираат со сарказам кон изјавите на унгарските власти, алудирајќи дека бегството на Груевски било навремено и координирано:
„Таман толку време му требаше да избега во посигурно прибежиште“, стои во една од реакциите, проследена со потсмев кон институционалната ефикасност.
Се отвора и прашањето за правната документација и постапките: „Дополнително ќе ги бараат документите од пресудите… а судството не беше ни дигитализирано“, коментира друг граѓанин, потенцирајќи ја нефункционалноста на системот.
Гневот кај дел од коментаторите оди и чекор понатаму, со повици за строги мерки: конфискација на имот, враќање на парите и дури симболични „јавни казни“.
„Парите да се најдат и вратат, а тој да се протера“, гласи една од поумерените, но сепак остри пораки.
Во дел од реакциите се споменуваат и други поранешни функционери, како Сашо Мијалков, при што се изразува револт дека, наместо одговорност, тие и натаму располагаат со значителни ресурси.
Сепак, заеднички именител на најголем дел од коментарите е барањето за еднаква правда:
„Сите што се огрешиле пред законот треба да одговараат, а незаконски стекнатите пари да се вратат“.
Иако има и скептици кои сметаат дека актуелната политичка гарнитура нема интерес за негово враќање, дебатата открива длабоко вкоренета недоверба во институциите и чувството дека правдата останува селективна.
Прашањето за евентуалното враќање на Груевски, очигледно, не е само правно, туку и длабоко политичко и општествено – тест за кредибилитетот на системот и за тоа дали владеењето на правото навистина важи за сите.
Б. Јордановска












































