Новата анализа на Џабир Дерала, објавена денеска на платформата CIVIL Today на англиски, отвора суштинско прашање за природата на руската дипломатија во контекст на војната против Украина: дали таканаречените „прекини на огнот“ се чекор кон мир или дел од поширока стратегија на војување.
Во текстот со наслов „Between Deception and War: How the Kremlin Turns Ceasefires and Peace into Weapons“, Дерала аргументира дека предлогот на Москва за краткотраен прекин на огнот околу воената парада на 9 мај не е изолиран потег, туку дел од конзистентен модел во кој дипломатијата се користи како инструмент на војна, а не како средство за нејзино запирање.
Анализата започнува со директна дилема: „Дали ова е наменето да ги заштити украинските цивили, или да обезбеди спектакл на воена моќ во Москва?“
Дерала укажува дека кратките „паузи“ во насилството не можат да се изедначат со вистински напредок кон мир:
„Неколку часа тишина за да се заштити државен спектакл… не може да се сметаат за вистински чекор кон завршување на војната.“
Во исто време, додека се водат разговори за прекин на огнот, нападите врз Украина продолжуваат:
„Сирените за воздушна опасност продолжуваат да одекнуваат низ украинските градови. Тоа е реалноста зад реториката.“


„Преговорите, прекините на огнот и јавните изјави не се инструменти на мир. Тие се инструменти на војна.“
Како пример, Дерала потсетува на изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров од февруари 2022 година, само неколку дена пред инвазијата:
„Немаме планови да нападнеме никого.“
Набргу потоа, започна целосната воена агресија врз Украина. Според авторот, ваквите изјави не се грешка, туку свесна стратегија:
„Ова не беше погрешна проценка. Тоа беше намерна употреба на дипломатијата како измама.“
Анализата заклучува дека предложениот прекин на огнот околу 9 мај се вклопува во истата логика:
„Прекинот на огнот… не е чекор кон мир. Тоа е перформанс. Ја штити сликата, не човечките животи.“
И покрај бруталноста на војната, Дерала нагласува дека меѓународното право останува клучна рамка:
„Ако едната страна ги крши правилата не ја оправдува другата да ги напушти.“
Во заклучокот, авторот предупредува:
„Сѐ помалку од вистински прекин на огнот само го нормализира опасниот концепт дека војната може да се паузира за парада, додека луѓето продолжуваат да страдаат и умираат.“
Анализата на Дерала нуди поширока перспектива: прекинот на огнот не е секогаш чекор кон мир. Во случајот на Русија, тој може да биде дел од стратегија за управување со перцепцијата, темпото на војната и политичката слика. Во таков контекст, прашањето не е само дали има прекин на огнот—туку што навистина значи тој.
Б. Јордановска










































