Вчерашната трагедија со превртениот автобус кога животот го загубија 15 наши сограѓани и сограѓанки, а се повредија над 30 други, извади на виделина уште една своевидна трагедија на нашето општество. Покрај многубројните изрази на сочувство, се појавија и такви кои во оваа трагедија видоа повод да се исмејуваат, радуваат и поттикнуваат говор на омраза. Некои поединци трагедијата ја поврзуваа со политичката ситуација, со напади кон владата и со промената на името на државата.
Реакции во јавноста побуди универзитетската професорка Билјана Ванковска со нејзиниот пост на Фејсбук во кој смртта на 15-те гостиварци ја нарече трагедија и иронија со тоа што ја поврза со месноста Карпалак.
Овој пост претставува тенденциозен обид за поврзување со некоја „одмазда“ од „виша сила“, односно трагедијата од автобусот ја поврзува со настанот од 2001 година кај Карпалак, кога десетина припадници на безбедносните сили на Македонија загинаа во вооружен напад на тогашната ОНА. Треба да се потсетиме дека таква иронија доаѓа токму од професорка која подолг период предава на катедри за мировни студии, членка е на здруженија и иницијативи за помирување, а добитничка е и на меѓународна награда за мир. За поточно која е минатото на професорката Ванковска споделуваме дел од нејзината автобиографија од нејзината веб страница:
Во текот на својата наставна кариера предавала главно на Институтот за безбедност, одбрана и мир, но покрива предмети и на Институтот за социологија и Институтот за социјална работа. Ангажирана е на трите насоки на последипломските студии на Институтот за безбедност, одбрана и мир (мир и развој, за безбедност, одбрана) и на Европските студии (при Институтот за социологија). Во текот на својата кариера била раководител на Институтот за одбрана (2000/2001 година), заменик-раководител на Институтот за одбрана (2006-2009), а од октомври 2009 година ја извршува функцијата на раководител на последипломските студии по Мир и развој.
Проф. Ванковска е професор и на Европскиот мировен универзитет (EPU) во Штадшлајнинг (Австрија). Гостувала како предавач на повеќе универзитети во регионот (Загреб, Љубљана, Белград), но и пошироко (Брадфорд-Велика Британија, Колумбија-Мисури, Труман, Дулут-Минесота).
Во периодот од 2001-2002 година била Виш научен соработник во Женевскиот центар за демократска контрола над вооружените сили. Во периодот 1997-2000 година на повеќе наврати била визитинг Виш истражувач на Копенханшкиот институт за мировни истражувања (Copenhagen Peace Research Institute, COPRI). Таа е меѓународен соработник во TFF (Transnational Foundation for Peace and Future Research) и член на меѓународната мрежа на истражувачи на мирот TRANSCEND. Од 1998 година е номинатор за Сеулската награда за мир (Seoul Peace Prize).
Како автор има објавено преку стотина публикации (книги, поглавја и научни статии), од кои најголемиот број се објавени во странство и на англиски јазик. Член е на уредувачки одбори на повеќе реномирани меѓународни научни часописи (International problems, Journal of International Relations and Development, European Perspectives, Human Security, Res Militaris). Проф. Ванковска беше првиот уредник на научното списание „Безбедносни дијалози“, кое го издава Филозофскиот факултет (Институт за безбедност, одбрана и мир).
Проф. Ванковска е активна и во повеќе меѓународни научни здруженија, како IPSA, ISA, IPRA, EuPRA, IUS on Armed Forces and Society, ERGOMAS.
Во јавноста е позната како чест гостин на домашни и странски медиуми и коментатор на актуелните политички и меѓународни случувања. Од 2004 година до денес била редовен колумнист на повеќе дневни весници (Дневник, Утрински весник, Време, Шпиц, Нова Македонија) и неделници (Македонско сонце, Фокус).
Не била член на ниту една политичка партија, ниту била вршител на јавна или политичка функција.
Во периодот 2004-2005 била потпретседател на Граѓанското движење на Македонија. Активна била и во невладиниот сектор, особено во Евробалкан (2003-2005), а била и член на Бордот на Македонскиот хелсиншки комитет (2006/2007). на регионален план, таа е член на Коалицијата за РЕКОМ, а во периодот 2011-2014 ја извршувала функцијата Јавен заговарач за Иницијативата за РЕКОМ, чија цел е основање на Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и тешките повреди на територијата на поранешна Југославија (1991-2001).
Проф. Ванковска е активна и на социјалните медиуми: во 2008 година стана блогер, а од 2010 е активна на Фејсбук.
Мајка на три ќерки: Марина (1983), Ведрана (1987) и Сара (1994).
Објавувањето на таквиот статус, според повеќето реакции, се оцени како обид за давање на етничка димензија на жртвите и на трагедијата. Вистинската иронија, всушност, е што Ванковска доби најстроги реакции токму од нејзините колешки и колеги, а според нејзината логика на поделба на луѓето, најмногубројни беа осудите од „нејзините“.
И кај Албанците и кај Македонците, и кај сите етнички заедници во Македонија, не само што се докажа дека има, туку навремени и остри реакциите кон обидот на Ванковска да ја злоупотреби оваа трагедија. Многу македонски интелектуалци, новинари и други граѓани го осудија тој начин на говор на омраза, а не изостанаа ниту оние кои побараа на Ванковска да не ѝ се дозволи да предава на универзитет. Некои други ја потсетија дека вчера и денес плачат и Албанци и Македонци, а некои дури ја потсетија дека и она е мајка и има три ќерки и дека трагедијата не бира жртви по никоја основа.
Токму од оние кои по правило треба да бидат пример за следење од младите генерации, за жал, стануваат најгрозоморниот егземплар на нашето општество. Професорот Златко Јордановски во негов пост го стигнал дното на нечовештвото.
Тој објавил слика на пратеникот Благојче Трпески кој во вчерашната несреќа го изгуби својот синот, нарекувајќи го него предавник. Како тоа да не било доволно професорот додал и статус „Господ е голем“, алудирајќи на одмазда од „виша сила“ кон него.
Арбен Зеќири