Во рамки на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ, вчера и денеска во Скопје се одржа Конференција за борба против антисемитизмот во регионот на ОБСЕ. На настанот, кој го отвори министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, присуствуваше и претседателката на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA) Ен Бурнс, специјалниот претставник на Владата на Обединетото Кралство за борба против антисемитизмот Лордот Ерик Пиклс, претседателот на Еврејската конфедерација на Украина Борис Ложкин (онлајн), претставници на еврејските организации од светот, како и на земјите членки на ОБСЕ.
Конференцијата опфати три тематски сесии, на кои се дискутираа напорите на државите учеснички за борба против антисемитизмот, актуелните предизвици во оваа област и начините за нивно решавање, новите трендови и проблеми во контекст на надминување на манифестациите на антисемитизмот во дигиталната ера, како прашањето за соодветно образование на новите генерации. Учесниците на настанот ја истакнаа и улогата на IHRA како водечка меѓународна организација на ова поле, како и важноста од максимална вклученост на земјите од светот во одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од Холокаустот (27 јануари).
За време на конференцијата, Амбасадорката на Украина во Скопје, Лариса Дир, особено истакна дека светската заедница неодамна го одбележа споменот на жртвите од Холокаустот – 27 јануари, докажувајќи ја својата посветеност на обврските „Се сеќаваме“ и „Никогаш повеќе“.
Трагедијата на Холокаустот е убедлив потсетник за опасноста од војна и вредноста на мирот, меѓутоа, Русија ја продолжува својата инвазија од големи размери врз Украина речиси една година и спроведува геноцид врз украинскиот народ, истакна Дир.
Во своите изјави претставниците на САД, Грузија, Литванија, Канада, Франција, Финска, Шведска и Швајцарија ја осудија вооружената агресија на Русија против Украина и нагласија дека Москва, под превезот на борбата против неонацизмот, започна војна против Украина, а исто така извршува акти на нетолеранција и антисемитизам.