Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари средба со директорката на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рената Шредер, придружувана од Драган Секуловски, претставник на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), кое со Синдикатот на македонските новинари и медиумски работници (ССНМ) е дел од ЕФН.
Министерот Спасовски, како што информираат од МВР, ја информирал Шредер за потпишаниот меморандум за соработка на МВР со Здружението на новинари на Македонија и за активностите што се преземаат за подобрување на соработката меѓу новинарите и полицијата.
– Во наредниот период предвидено е одржување работилници во соработка со ЗНМ и ОБСЕ со цел уште повеќе да се зголеми соработката и да се избегнат било какви проблеми во наредниот период. Спасовски ја информира Шредер и за истрагите за случаите со напади на новинари во последните неколку години, се вели во соопштението од МВР.
Директорката на најголемата организација на новинарите во Европа, која претставува повеќе од 320.000 новинари во 71 новинарски организации оценила дека потпишувањето на меморандумот со ЗНМ е голем чекор и потенцира дека соработката меѓу полицијата и новинарите е неопходна.
Таа ја поздравила намерата за одржување на работилници меѓу новинарите и полицијата, како дел од новата слика за Република Македонија како земја каде новинарите имаат можност слободно и професионално да работат. (МИА)