Речиси половина од граѓан(к)ите (45,2%), сметаат дека ниту една држава во светот не е најпријателски наклонета кон Македонија. Ова песимистичко расположение го покажа последната анкета на М-Проспект, која има за цел да го испита ставот по однос на прашања поврзани со односот на останатите земји кон Македонија.
На прашањето – Која земја во светот е најпријателски наклонета кон Македонија? – во одговорите има разлики по етничка основа. Македонците се поголеми песимисти, односно дури 49,8% сметаат дека ниту една земја не ѝе пријател на Македонија, а кај Албанците тој процент изнесува 36%.
Доколку се направи споредба со расположението на граѓан(к)ите по ова прашање во 2013-та година, може да се забележи дека скептицизмот во Македонија по однос на пријателскиот однос на останатите држави, значително пораснал. Анкетата спроведена во 2013-та година покажала дека само 15,6% сметаат дека ниту една земја е најпријателски наклонета кон Македонија.
Од оние кои сметаат дека Македонија има пријатели, најголем дел се произнеле за Турција – 14,1%. Во Русија пријател на Македонија гледаат 10% од анкетираните, а во САД – 6,6 %.
Разлика во одговорите, споредено до 2013-та година, има и по ова прашање. Тогаш, на првите три места биле Турција (16 %), Србија (12,2 %) и САД (8,2%). Русија во 2013-та година анкетираните граѓани ја поставиле на деветто место, што е за седум позиции полошо од годинава.
Последната анкета покажа и дека повеќе од половината од граѓаните сметаат дека ЕУ и САД треба да ја остават Македонија сама да се справи со политичката криза.
Кога е во прашање ЕУ, 52,8% сметаат дека таа треба да ја остави Македонија сама да ја реши кризата, а 45,3% се на став дека ЕУ треба повеќе да се ангажира. Отпорноста е поголема кон вклучувањето на САД. 57% сметаат дека САД треба да ја остават Македонија сама да ја реши политичката криза, додека 38,8% мислат дека САД повеќе треба да се инволвираат.
Телефонската анкета е спроведена на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, од 4-ти до 10-ти февруари.