ЦИВИЛ – Центар за слобода ја алармира јавноста по пријавите од набљудувачите за славеничко пукање по првиот круг на локалните избори, одржани на 15 октомври. Вакви инциденти има по секои избори, но време е да се престане со пукање!
Славеничкото пукање е сериозен ризик за безбедноста и здравјето на луѓето и е забрането со закон. Бројни се жртвите од славеничкото пукање. Наместо прослава на некој настан – мртви и ранети, наместо радост – болници, полиција, судења, погреби. ЦИВИЛ – Центар за слобода порачува: ПРЕСТАНЕТЕ СО ПУКАЊЕ!
Куршумот испукан во воздух мора да се врати на земјата. Постои гравитација!
Апелираме и до организаторите и домаќините на настани на кои се прославува, да побараат од своите гости и учесници да се однесуваат согласно со законот и да внимаваат на безбедноста.
Апелираме до властите да преземат превентивни мерки против „веселите пиштолџии“ и да ги казнат оние што го кршат законот. Апелираме до граѓанките и граѓаните да пријавуваат вакви случаи, а таму каде што има вакви немили појави, да се оддалечат од местото каде што се пука.