Се сеќавате ли на она заедничко јадење бурек во Суботица меѓу домаќинот Вучиќ и Орбан? Делуваше дека се работи за сладок оброк, а и скопските пријатели на обајцата лидери секако индиректно уживале во таа глетка. Ќе има некоја трошка за нас. Во неделата навечер се говореше за политичките промени што се очекуваат со тоа што унгарските избирачи практично плебисцитарно го турнаа властодржецот од кормилото на државата. Таа промена ќе има секако и сериозни економски последици, најнапред за регионот, ама и за една општа промена на стопанските ориентири на кои ќе мораме да се навикнеме.
КОЈ ГОЛТНАЛ ЖАБА
Споменувањето на бурекот доаѓа од фактот дека, според „Форбс“ претседателот Вучиќ морал ноќеска „да голтне жаба“. Какви сѐ проекти се ставаат под знак прашалник… брзата пруга, кинеско-унгарската финансиска спрега во целина, а за НИС-от и да не говориме. Колку ли само наши проекти се под некаков прашалник, а кои произлегуваа од клучната ориентација на нашата економија со олигархиски поставените системи на релација север – југ!? За оваа можност можеби размислувал и нашиот вицепремиер и министер за градежништво Александар Николоски кој пред некој ден на Канал 5 говореше дека Орбан сигурно победува. А тоа не е размислување на стратег, туку на некој кој си купил веќе лоз и просто е убеден дека „нему ќе му се падне“. Јасно е дека не е така.
Новинарите го прашаа премиерот, кој пред една недела беше во Будимпешта на визита кај Орбан, дали кога споменува нов кредит во општата беспарица која доаѓа со војната во Заливот, тој поцрвени и не сакаше да каже каде ќе ги најде парите, а кога му беше посочена Унгарија како можен (одново) кредитор, рече дека не е важно каде ќе се најдат пари. И додаде дек „Унгарија тоа секако не е“. Добро, ама постои искинат ланец со унгарските визии на Орбан и тоа не е играчка, особено кога е економијата во прашање. Релацијата која ние ја градиме со Србија – да почнеме од вкотвувањето на една сомнителна банка во нашиот финансиски систем, која го шири бизнисот, па сѐ до трговијата со марихуана, јасно ја дава сликата за олигархиските одрази во огледалото кај регионалните „фризерници“.
ПРОЕКТИ ШТО ЌЕ КОЛАБИРААТ
Српското стопанство со кое сме силно вплеткани навистина ќе доживее неколку силни колапси. Да внимаваме, некаде тука лесно ги наоѓаме и нашите интереси. Ова е најочигледно на примерот на НИС, кој испадна дека доста зависел од резултатите од излегувањето на гласачките места во Унгарија.
„Лесно е да се претпостави дека никој во заминувачкиот унгарски тим и раководството на МОЛ не беше подготвен да влезе во авантурата на склучување зделка и потпишување договор во атмосфера на неизвесност што, во случај на губење на изборите (што на крајот се случи), новата влада би можела да ја оцени како неповолна. Работите добија пресврт што никој не го посакуваше меѓу претходните актери во преговорите за купопродажба на НИС. Сè поизвесно е дека најголемиот губитник тука ќе биде владата во Србија. Зошто? На Русија сигурно не ѝ се допаѓа фактот што повеќе го нема својот претходен партнер отелотворен во Орбан. Тоа не ѝ се допаѓа ниту на американската администрација“ – оценува економскиот коментатор Иван Радак.
Овој аналитичар вели дека Петер Маѓар секако ќе се заврти силно кон ЕУ, а тоа ќе значи и промена на погрешно поставената легислатива во однос на Русија! Како што можеше да се забележи во последните говори на Маѓар, тој беше претпазлив во однос на критикувањето на Русија и можеби свртувањето нема да биде од 180 степени, но унгарската страна ќе се стреми да ја намали својата „изложеност“ кон Москва.
Русија сигурно нема да гледа позитивно на оваа промена во лидерството и би можела да го попречи МОЛ со откажување од продажбата или одложување на преговорите, особено во однос на цената. Значи, говориме за купувањето на НИС, целиот тој енергетски систем кој е во рацете на Путин, кој покажа добра волја ако транзицијата на сопственоста ја извршува Унгарија, а тоа го поздрави и американската администрација, која ги одложи санкциите кон Србија веќе неколку пати.
Впрочем, Унгарија не би можела да биде она што е – „главната бензинска станица во Европа“, како што ја нарекуваат хрватските новинари, бидејќи откако унгарскиот МОЛ ја презеде ИНА, Загреб се доведува во честа робовска позиција кон Будимпешта кога е енергетиката во прашање. Затоа и Пленковиќ беше меѓу првите што му честита на Маѓар, кој пак сега размислува што со проектите за изградба на нуклеарки во неговата земја, а тие исклучиво зависат од волјата и инвестициите на Москва?!
Значи, да се вратиме на НИС-от. Можеме лесно да претпоставиме што ќе значи енергетската блокада на Србија и за Македонија и за нејзиниот енергетски систем. Плус, секако фактот дека не сме чуле дека некој танкер се паркирал во Солун и дека низ цевководот на Мамидакис тргнале нафтени испораки кон Миладиновци. Факт беше дека во онаа краткотрајна криза кај соседите тие, природно, се потпираа и на дотур на гориво со возови од Миладиновци кон север, јасно, без можност да се задоволат потребите на тој консумент во целина. Но тој поширок пазар ги отвори очите на газда Мамидакис за овој ресурс во негова сопственост (а ги направи пишманлии Косоварите кои без најава откажаа љубов кон дознаките на ОКТА, патем речено), но во оваа генерална криза тоа малку значи. Може да говориме за ситуација кога приликите во Заливот ќе се нормализираат.
АМЕРИКАНСКИОТ ДОТУР НА ГАС ВО ТЕЧНА СОСТОЈБА
Владината јуниорска екипа во Вашингтон потпишала План за стратегиска соработка со САД каде се повторува нашата подготвеност за прием на американскиот гас во течна состојба, за што ние веќе плативме влог во проектот Александропулос. Но да се реализира овој проект треба допрва да се откочува, а згора добиениот гас секако ќе биде доста поскап. Јасно е дека долгорочно и Србија ќе треба да тргне по тој гас, иако таа засега има стабилен дотур низ Турскиот поток.
Американците, со кои потпишавме договор за соработка, во овој момент имаат кисел вкус во устата – тие изгубија силен сојузник во дестабилизирањето на Унијата. Унгарија ќе прави сериозно свртување кон ЕУ. Маѓар наскоро ќе замине во Полска како прва посета надвор, а ќе се олади кон регионот и кинеските трикови со финансирањето проекти, каде таа е секогаш во добивка, а Балканот само губи, најнапред во конечниот пад на општествен производ – неодамна министерот Николоски призна дека Пекинг и неговата Ексим банка едноставно нѐ остава на цедило за својот удел во проектот автопат Охрид–Кичево, кој ќе доцни во недоглед. Сега дури јасно треба да прогледаме со кого се фативме „да садиме тикви“, бидејќи вртењето кон Пекинг и Будимпешта е строго директива на екс-премиерот Груевски како архитект на оваа „стратегија“, а која сесрдно ја продолжи сегашната влада.
НЕМА ЕВРОПСКИ ПАРИ, АКО ИМА КОРУПЦИЈА
Од друга страна, веднаш скокнува цената на коридорот запад-исток и веднаш да повториме – воопшто не е смешно кога потпретседателот на Владата Николоски се смее на својот бугарски колега што дошол до станицата Ѓуешево (точка на која ние би се споиле железнички кон овој коридор) со воз кој бил спор, кога тој таму морал да стигне со службен автомобил! Сѐ повеќе се гледа колкави штети трпиме со баталувањето, па и оспорувањето на овој проект за кој беа обезбедени средства и тоа во пофер услови, ама не се дозволуваше да стигнат во раце кои се познати по коруптивни практики. Тоа беше главен проблем за Скопје, секако и за Белград, а за Будимпешта и да не говориме. Европски пари имало и ќе има, но нашите судови гледаме деновиве по кој знае кој пат ослободуваат една од оние кориснички која низ проектот Еразмус злоупотреби такви донации?! Обвинетата и самата веќе не памети кога судскиот процес беше започнат. Третата власт и со последните кадровски промени ги руши нашите очекувања дека кај нас е можна ефикасна борба со корупцијата, генерално со делењето правда и со правичноста.
Оттаму, да се вратиме на промените во Унгарија кои допираат и до нас. Првите коментари се врзуваат за тоа дека Петер Маѓар веднаш ќе ги преиспита досегашните приоритети во инвестициите на Орбан. Знаеме, нели, во инвестициите лежи најголемата корупција, па така први што ќе настрадаат се и плановите за т.н. брзи железници кои беа дел од проектот Будимпешта–Атина, а заради кого нашата Влада во сѐ уште недообјаснети договори за кредити со британската влада!
Земаме пари за нешто за што немаме ниту елементарни проекти, важно парите ќе дојдат, со нив и каматите и другите услови во форма на мигранти кои се „вишок“ во затворите на Островот! Е сега, бидејќи тие пруги се дел од проектот споменат погоре, според српскиот „Форбс“, јасно е дека за Маѓар, со неговата нова ориентација, едноставно нема да бидат значајни. Или не под овие услови (заради еден од тие невидливи условувања падна, нели, и настрешницата во Нови Сад), што пак го разнишува целиот проект каде и ние си најдовме свое место (што би се рекло „садевме тикви со Орбан“), а што може да доживее свој колапс.
„Петер Маѓар сега има други приоритети и други дестинации кон кои мора да погледне. Србија не му е ниту приближно толку важна како што му беше на Орбан. Од друга страна, тој сигурно нема да брза да ја отвори железницата до летото (се мисли на сегментот Будимпешта–Сегедин, н.з.) и со тоа да му помогне на големиот пријател на својот претходник да се обиде со помпезност и церемонија дополнително да предизвика амнезија кај граѓаните на Србија кои, во пресрет на српските парламентарни избори, треба да заборават дека платиле највисока можна цена во врска со тој проект – во форма на 16 невини животи.
Исто така, може да се очекува дека Маѓар нема да брза со завршувањето на проектот за нафтоводот меѓу Унгарија и Србија. Настанот со наводниот обид за дигање во воздух на гасоводот кај Кањижа требаше да го ‘детонира’ неговиот резултат на изборите“ – пишува економскиот коментатор Иван Радак.
Дури во тие размислување се оди до таму што се мисли, со право, дека идниот унгарски премиер би можел да одлучи да ги почека изборите во Србија во врска со понатамошното спроведување на заедничките проекти меѓу двете земји. И да се обиде со некоја нова власт да ги заврши постојните работни места или да отвори нови. Така, би можело да се покаже дека Орбан и Вучиќ, наместо да ги сопнуваат Унгарците, всушност „детонирале“ важен проект за српската економија.
Но ние сме рековме веќе врзани во архитектониката на тие замисли за инвестирање. Дури и најкрупниот залак, како оној со Британија вреден пет милијарди фунти се лепи на тие замисли. Впрочем, потпретседателот на Владата Николовски дури 14 пати го користел службениот авион за лет кон Будимпешта. Што кажува ова, кога се работи за клучниот министер кога во прашање се инвестициите, па индиректно и кредитите и за неговата најчеста дестинација, нема потреба посебно да се коментира.
Текстот е личен став на авторот | Глобус














































