8 мај — 81-ва годишнина од победата над нацизмот и завршувањето на Втората светска војна во Европа. За Украинците, ова е Ден на сеќавање на милионите загинати, на трагедијата што го допре секое семејство и на лекциите од историјата кои денес повторно станаа болно актуелни.
За Украина, Втората светска војна не беше апстрактен геополитички настан, туку национална катастрофа. Украина беше еден од главните театри на воени дејствија. Фронтот двапати помина низ украинските земји — прво од запад кон исток, а потоа во спротивна насока. Украинските земји станаа место на масовни битки, окупација, масовен терор, депортации и уништување на цивилното население, како и на едно од најсилните движења на отпор за време на Втората светска војна.


Токму затоа, Украина категорично ги отфрла современите обиди на Русија да ја монополизира победата над нацизмот. Ниту една држава нема право да претендира на исклучителна улога во победата над нацизмот, која беше резултат на напорите на десетици држави и стотици народи. Особено цинични се обидите да се користи моралниот авторитет на победникот во Втората светска војна за оправдување на современата агресија и воените злосторства.
Крајот на Втората светска војна донесе мир, но не и слобода за многу народи од Централна и Источна Европа. Советскиот Сојуз воспостави контрола врз Украина, Балтичките држави, Полска и други земји. Еден тоталитарен режим едноставно го замени другиот.


Руската пропаганда се обидува да ја претстави сегашната војна како продолжение на борбата против нацизмот. Во руската паралелна реалност, Украинците се прогласуваат за „нацисти“, а Русите — за „ослободители“. Токму врз ова е изградена идеологијата на современата агресивна империјална доктрина на РФ, која го спојува култот на војната, реваншизмот и непочитувањето на меѓународното право.


И покрај огромните загуби и декларативните изјави за подготвеност за мировни преговори, Кремљ не покажува подготвеност да ја заврши војната. Русија го продолжува теророт и ги отфрла реалистичните повици за прекин на борбените дејствија. Симболично е што, прогласувајќи „примирје“ за 9 мај, РФ го отфрли предлогот на Украина за прекин на огнот во ноќта меѓу 5 и 6 мај, напаѓајќи повеќе украински региони.


Затоа е важно да се зачува санкцискиот притисок врз државата-агресор РФ. Економските ограничувања остануваат еден од клучните инструменти што го прават продолжувањето на агресијата невозможно. Украина, исто така, очекува нови одлуки за воена поддршка и понатамошно зајакнување на меѓународната изолација на Кремљ.


Создавањето на Специјален трибунал за кривичното дело агресија против Украина — првиот меѓународен судски механизам од ваков ранг од времето на Нирнбершкиот процес — е темел на привлекување на одговорност на кремљовските злосторници. Веќе 25 држави потврдија подготвеност да се приклучат кон Проширениот делумен договор за формирање на Управниот комитет на Специјалниот трибунал за кривичното дело агресија против Украина.
Сеќавањето на Втората светска војна треба да биде предупредување против нови форми на тоталитаризам, а не инструмент на пропаганда. Одбележувањето на победата над нацизмот е сеќавање на жртвите на војната, а не приватизација на победата за современи освојувачки политички цели. Ова е ден на сеќавање, а не на триумф.
81-ва годишнина од победата над нацизмот не е само датум од минатото. Тоа е потсетување за одговорноста на современиот свет пред историјата. Украинците денес со оружје во рака ја бранат не само сопствената држава, туку и се борат за меѓународната безбедност. Украина плаќа исклучително висока цена за во Европа да не се врати ерата на диктатури, окупациajа и масовно насилство.
Амбасада на Украина во Република Северна Македонија
Фото извор: Амбасада на Украина во Република Северна Македонија












































