Пишува: Љубомир Костовски
Овој вторник, кај нас вест број еден секако беше одлуката на обвинителката што го води случајот „ТЕЦ Неготино“ да ја сопре истрагата против три одговорни лица.
По првото слушање на веста, почувствував потреба да ја чујам повторно. Не очекував дека актуелната власт би си дозволила таков обвинителски исход, познавајќи ги нејзините манири во сферата на независноста на третата власт.
Потоа начув и некои детали од истрагата. Таа траела доста долго и пред себе имала околу 400 моменти – потенцијални докази – за нечија вина. Токму тоа ме насочи кон заклучокот дека во оваа земја, сепак, е можно соочување на третата власт со потребата да биде независна.
Односно, да не биде налик на кардиналот Ришелје, како најгласен протагонист на тезата „нема невини“. Секако, ако политичкиот крем на кој му припаѓал високиот свештеник процени дека некому не му гине гилотината.
На брифингот на Обвинителството за борба против организираниот криминал Катерина Коларевиќ информираше дека досегашната истражна постапка чинела над 50.000 евра. Случајот беше отворен по кривична пријава од МВР, во која се наведуваа сомнежи за злоупотреби при јавните повици, незаконско склучување договори и анекси, како и перење пари, во период кога набавките се реализирале во услови на енергетска криза. Предметот тежел 167 милиони евра.
Во истрагата биле опфатени вкупно 13 лица. Меѓу нив биле бизнисмените Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“, Ратко Капушевски, сопственик на операторот „РКМ“, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. Со запирањето на истражната постапка, обвинителството оценило дека за лицата опфатени со предметот нема доволно докази за поднесување обвинение. На брифингот присуствувал покрај предметниот обвинител и шефот на овој сегмент на јавното обвинителство. Случајот е отворен во 2023 година од страна на Државната комисија за спречување на корупција, а истрагата беше отворена во март лани. По 14 месеци работа е донесена одлука наведена погоре.
Ова обвинение, во режија на оваа власт, секако беше еден крупен „зајак“ во ловот на политичките опоненти. Но истата таа власт сега се покажува како целосно некомпетентна да се справи со првата поголема криза што ѝ се заканува на земјата. Таа ќе започне како енергетска, но лесно може да прерасне во многу подлабока економска и социјална криза. Во крајна инстанца, може да заврши и како крах на домашното производство на храна. Освен ако стабилноста на земјата претходно не биде нарушена од хроничните доцнења во исполнувањето на обврските кон цели социјални групи, како последица на празната државна каса.
Во тој поглед, оценката на надлежната обвинителка покажува дека првичното сомнение за дел од тимот што практично ја спаси земјава од три големи светски кризи било празно. Станува збор за тим кој во тие околности покажа компетентност, одговорност и успешност.
За партијата што на последните избори остана без поддршката на околу 150 илјади гласачи, предметот за наводни злоупотреби во набавката на мазут за ТЕЦ Неготино беше добредојден. Тие граѓани, всушност, покажаа резерви кон можноста новиот тим на власт да има слични квалификации за справување со кризи. Затоа и оваа истрага можеше лесно да се претвори во политички корисен материјал.
„Од доказите произлезе дека предметните постапки за набавка на мазут се спроведувани во услови на прогласена енергетска криза од страна на Владата на РСМ и согласно законските исклучоци предвидени во член 23 од Законот за јавни набавки, со цел обезбедување непречено производство на електрична енергија“, велат од ОЈО ГОКК.
Во истрагата биле анализирани финансиски и договорни документи, вештачења и искази од сведоци, претставници на ЕСМ, ТЕЦ Неготино и економски оператори што поседувале лиценци за трговија со мазут.
Обвинителството тврди дека постапките биле спроведувани транспарентно и дека ЕСМ ги контактирал сите компании со лиценци за трговија со мазут.
„Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари“, наведуваат од Обвинителството.
Според ОЈО ГОКК, мазутот бил навремено испорачуван и во ниту еден момент не било доведено во прашање производството на електрична енергија.
„Во критичниот период не постоеле рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило обезбедување електрична енергија по значително пониски цени од цените на слободниот пазар“, стои во соопштението.
Обвинителството тврди и дека не е утврдена штета врз ЕСМ или државниот буџет.
Дека активноста насочена кон претходната власт имаше за цел и персонални жртви, преку ликот и функцијата на Васко Ковачевски покажаа два моменти после брифингот. Прво доаѓаше од позицијата на контролираното новинарство – името на третообвинетиот беше изоставувано или подоцна попладнето одеше со вистината, тука сведена на квалификација – „кој е во бегство“. А понатаму, после нападите на ВМРО-ДПМНЕ кон обвинителството, дојде и можеби и очекувано посипување со пепел на државниот обвинител Ненад Савески, кој рече – во стилот „не сум јас“ – дека од него не било побарано мислење. На ова бргу дојде објаснувањата од неговата колешка Коларевиќ дека таа му се јавила и го известила. Имало ли потоа други јавувања, некакви ноќни разговори и комбинации? Кој знае.
Првите поподробни информации се појавија кога со снимена реакција се јави Антонио Милошоски, човек со многу функции во партијата и во разни влади. Во јавноста, пак, тој е попознат и како странка во некои спорови. Иако постојано беше на телевизиските програми и иако станува збор за јавна личност, поштарот никако не успеваше да го најде за да му врачи покана за суд! А тоа беа случаи во кои страдаа други лица, без споровите да бидат расчистени.
И токму тој политичар, меѓу другото, организираше бојкот на говорите на претходниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Ете така се покажуваше „респект“ кон третата власт.
И така, власта го најде човекот што ќе пушта отровни стрели кон обвинителот Ислам Абази, шефот на Обвинителството за организиран криминал, со она што би можело да се нарече „вординг на млекарката“. Милошоски, имено, тврди дека Абази бил комшија на Али Ахмети во Зајас (!), село големо речиси колку половина македонски градови. Од тоа, според оваа логика, треба да произлезе дека предмет вреден 167 милиони евра зависи од некакви добрососедски односи.
Згора, во логична комбинација позната само на Милошоски, ако обвинителот е сосед на Ахмети од ДУИ, тогаш автоматски е сосед и на СДСМ, претставен преку двоецот Филипче – Заев. Не ги делат, божем се работи за сијамски близнаци. Разбирливо, за таквата конструкција треба да се бара и „кворум“, па дури и некаква политичка коалиција (!).
И сето тоа, иако и малите деца знаат дека во овој миг Ахмети е поблизок до Христијан Мицкоски отколку до опозицијата. Тој е решен да се уфрли во власта на местото на расклатениот ВЛЕН. Ако ништо друго, Мицкоски, држејќи го во рацете екс-потпретседателот на ДУИ, Артан Груби, врши притисок врз ВЛЕН во предвечерието на кадровските промени во Владата. Целта е јасна – да се скратат апетитите на албанскиот коалиционен партнер.
Јасно е дека со решението на обвинителката Коларевиќ во случајот „ТЕЦ Неготино“, третата власт, барем на дневна основа, си го подигна рејтингот, и покрај ексцесот на Савески. Ако ништо друго, се покажа дека кај нас хиерархијата често ѝ пречи на вистината. Но се покажа и дека има надеж: штанцањето судски случаи, со држење на кусо јаже на клучните фигури на врвот на третата власт, не мора секогаш да има дејство на автоматска извршност.
Поголемата сензација на денот, всушност, е тоа што случајот покажа колку медиумите умеат сами да ги редуцираат решенијата на официјалните органи, според однапред предвидливи критериуми. Уште во вторникот напладне, овој случај ни покажа кои, до неодамна респектабилни информативни средства, веќе решиле да влезат во стројот на оние што негуваат вредности што јасно покажуваат зошто паѓаме на листите за слобода на новинарството.
Тоа го направија така што не им се допадна споменувањето на името на Васко Ковачевски, човек ослободен од сомнеж. Или, пак, го дозволуваат тоа име само ако до него стои задолжителната етикета – „во бегство“. И тоа токму тогаш кога се покажува дека неговото отсуство од земјата било умно и исправно однесување. Доста медиуми имаат валкана совест во случајот со Васко Ковачевски.
Љубомир Костовски е новинар, колумнист и политички аналитичар. Главен уредник на неделникот ГЛОБУС.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани













































