СОФИЈА, 19 април 2026 – Гласачките места се затворија во 20 часот, а првите излезни анкети покажуваат јасен победник – но не и јасно решение за политичката криза што со години ја потресува Бугарија.
Според првичните резултати, коалицијата „Прогресивна Бугарија“ предводена од Румен Радев, убедливо води со околу 37–39% од гласовите, далеку пред главниот ривал, партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, која во моментов се проценува дека освоила 15–16% од гласовите.
Овој резултат го позиционира Радев како најверојатен иден премиер – но не и како лидер со доволна сила да владее самостојно.
И покрај убедливото водство, излезните анкети укажуваат дека ниту една политичка сила нема да освои мнозинство од 121 пратеник во парламентот од 240 пратеници, со можност за самостојно формирање влада.
Се очекува најмалку пет до шест партии, односно коалиции, да влезат во парламентот, што значи дека формирањето влада повторно ќе зависи од сложени и неизвесни коалициски преговори. Со други зборови – Бугарија доби победник, но не и стабилна власт.
Првичните податоци покажуваат излезност од околу 43–44%, што ја потврдува растечката апатија кај гласачите по серијата избори. Ова се осми парламентарни избори во пет години, симптом на длабока политичка и институционална криза.
Граѓаните сè повеќе гласаат не со ентузијазам, туку со надеж дека конечно ќе се прекине кругот на нестабилност.
Изборите беа обележани не само од темите на корупција и владеење, туку и од геополитички дилеми.
Радев, кој водеше кампања со силна анти-корупциска реторика, е познат по својот скептицизам кон европската воена помош за Украина, како и со повиците за обновување на односите со Русија. Ова предизвикува загриженост кај дел од европските партнери, но и кај голем дел од јавноста во Бугарија..
Овие избори следуваат по падот на претходната влада и масовните протести во декември 2025 година, кои беа насочени против корупцијата и начинот на управување со земјата. Бугарија веќе со години се соочува со краткотрајни влади, неуспешни коалиции и длабока недоверба во институциите.
Иако според првите неофицијални извештаи, Радев има јасен мандат од гласачите, најголемиот предизвик допрва почнува – формирање влада.
Можните сценарија вклучуваат тешки коалициски преговори со идеолошки различни партии, нестабилна влада со краток рок или, повторно избори. Со други зборови, Бугарија вечерва има резултат, но нема решение, слично на ситуацијата со изборите во Словенија, која по изборите на 22 март сѐ уште се наоѓа во фаза на меѓупартиски преговори за формирање влада, по тесната победа на лидерот на словенечкото Движење за слобода (Gibanje Svoboda). Сепак, Радев е во подобра позиција, бидејќи неговата предност е далеку поубедлива.
ЦМ Деск
врз основа на податоци и информации од соработници во Софија














































