Еднаш кажав, морам пак.
Кои малодушници сме ти ние.
Некои собрале храброст да кажат нешто што им тежело со години, немале каде порано, немале ни на кого. Голем проблем им било, а години и години само стоело и само им натежнувало. И сега излезе шанса, се укажа прилика барем да го кажат, ако не успеале за себе да сменат, а се во интерес да ги охрабрат, оние кои од пусти страв сѐ уште не се осудуваат да зборуваат гласно. Страв од тоа како ќе ги прифатат своите, како ќе реагира средината, страв од тоа што уште не веруваат во институциите на системот.
Оние што молчат, се надевам ќе се одважат и ќе се огласат. А овие што зборуваат, секоја чест.
Не е мала работа ова. Читајќи ги сториите што ги кажуваат, а ги доживеале на своја кожа, или нечии прераскажани кои сѐуште никако да соберат сила и да кажат, бидејќи гледам дека ова се провлекува од многу одамна. Не дека и уште порано немало вакви злоупотреби, но со појавата на медиумите се појавила и шанса за објава. И покрај тоа, сепак осудата од сите страни, недовербата заради тоа што ги сметале за деца или затоа што другите, злоупотребувачите биле јавни фаци или професори или шефови и секогаш биле заштитени од институциите е тоа што било пречка да ги дознаеме сите овие проблеми. И каде да се обрателе кога знаеле дека секаде ќе наидат на затворени врати? Останувало наједноставното, но, за нив најболно решение. Да молчат, да кријат и да го носат тој товар со години.
И што се случува деновиве. Масовна акција под мотото #сегакажувам. Гласност во избивањето на површина на случките, храброст во деталното опишување на маките со кои се соочиле.
Е сега, што гледам на терен (facebook). Околу оние што читаат. Некои од нив ги поздравуваат и поддржуваат. Некои воопшто не реагираат, не поддржуваат, тоа е нивно право и тука нема осуда. Проблем се оние другите. Оние коишто не само што не поддржуваат, туку гласно завиваат и урликаат. Ги омаловажуваат овие што зборуваат, си играат мајтап со нив, зошто досега молчеле, зошто не кажуваат со име и презиме, зошто ова, зошто она… А и сами знаат зошто молчеле, знаат дека било невозможно да се каже. И знаат дека не е едноставно да се кажат имињата, сето тоа повлекува други работи. А тие продолжуваат да ги потценуваат и понижуваат и нив и нивните случки на крајно вулгарен и безобразен начин, е тоа воопшто не ми е јасно. И со тој начин да си им интересен на многумина, уште понејасно ми е. Не ги поддржувате – ок, немојте, не ни очекуваат поддршка од сите нас. Се знае кои се нивните цели. Ама, не ги сатанизирајте. Што да помислат оние кои допрва треба да се охрабрат? Да видат дека општеството или поточно околината, повторно ќе ги замолчи?
Молчете бре!
Човек на човека е волк.