ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Новинарите и медиумските работници во Северна Македонија се најбезбедни во споредба со останатите земји од Западен Балкан. Според Индексот за безбедноста на новинарите на Западен Балкан за 2020 година на Платформата на новинарски здруженија од Западен Балкан „Safejournalists.net“, од 7-те земји опфатени со истражувањето, Северна Македонија има средна оцена 3.93, со што земјата се рангира подобро од останатите земји од Западен Балкан во Индексот.
Индексот ги мери состојбите во оваа сфера преку индикатори за четири области, кои го оценуваат правното и организациско опкружување, соодветната превенција, соодветното процесирање и актуелната безбедност.
Индексот за земјава е објавен и на веб страницата на платформата, а во извештајот на Индексот за Северна Македонија за 2020 година, кој е објавен на страницата на Здружението на новинарите на Македонија, се посочуваат конкретно областите каде што има подобрувања, како и оние во кои се констатирани слабости.
Правно опкружување: Помали казни и помалку случаи против новинари, нема обиди за замолчување но изворите се плашат, работничките права под удар
Во делот за правното и организациско опкружување, Извештајот констатира дека иако клеветата е декриминализирана, одредбите за надомест за утврдена вина на новинар биле високи, но властите ги прифатиле измените за нивно намалување. Новинарите не го оценуваат законот како рестриктивен, значително е намален бројот на случаи против новинари и медиуми, судовите не прогласиле новинар за виновен и не донеле одлука за отштета за нарушен углед.
Според Индексот, законите обезбедуваат добра заштита на новинарските извори. Новинарите се чувствуваат слободни да контактираат со извори на информации. Но, од друга страна, само мал број на свиркачи ги пријавуваат случаите кај надлежните институции или новинари, што значи дека кај изворите се уште владее атмосфера на страв.
Иако во државата нема правна заштита од тнр. неосновани тужби, нема такви случаи, ниту примери за произволна или дискриминаторска примена на други закони со цел ограничување на слободата на новинарската работа.
„Не беа направени обиди за замолчување на новинарите, врз основа на самоволна примена на законски одредби поврзани со ширење дезинформации, страв или паника, иако имаше примери на ширење неточни информации за време на пандемијата“, се вели во наративниот извештај за Северна Македонија.
Индексот понатаму забележува дека новинарската професија не подлежи на лиценцирање, но Законот за медиуми сепак содржи рестриктивна дефиниција на поимот новинар. „За време на пандемијата имаше случаи кога некои новинари беа спречени да поставуваат прашања“, се вели во извештајот.
Индексот констатира посериозни предизвици во однос на синдикалното организирање и работните односи. Иако повеќето новинари се организирани во професионални здруженија, постојат одредени притисоци врз членовите на синдикатот од сопствениците или менаџерите на приватните медиуми да избегнуваат пресметување на синдикалната членарина од платите на новинарите, што предизвикува тие да го изгубат својот синдикален статус. Многу новинари во приватните медиуми главно имаат договори на определено или со скратено работно време.
„Тешката социо-економска состојба на новинарите дополнително ја влоши пандемијата, бидејќи неколку медиуми ги намалија платите на новинарите и медиумските работници. Мал број приватни медиуми имаат синдикати, односно новинарите сè уште се плашат или немаат интерес да се организираат самите во медиумите во кои работат“, се вели во извештајот на Индексот за Северна Македонија.
Потфрла превенцијата, освен Секторот за компјутерски криминал при МВР, новинарите нема кому да се обратат
Во делот за соодветна превенција, во извештајот се вели дека воспоставената телефонска линија за брза и ефикасна помош на новинарите во случај на напади не функционираше. „Новинарите кои беа предмет на напади немаа каде да се обратат до институциите за итна помош и поддршка, освен Секторот за компјутерски криминал при МВР. Од регистрираните онлајн напади (вкупно 14) врз новинари, само за два се покренати обвиненија“, пишува во Извештајот.
Иако во законодавството постојат општи одредби според кои новинарите би можеле да бараат заштита во случај на сериозна закана по нивниот живот од познато лице, не е доволно јасно колку е практична таквата постапка. „Во законот постои процедура, но постапката за проценка на ризикот не е јасно дефинирана“, се констатира во Извештајот.
Според Индексот, во 2020 година сè уште не е воспоставен механизам за бесплатна правна помош за секоја жртва на родово заснован напад и насилство, вклучително и новинарки.
„Сите напади врз новинарки биле пријавени во МВР. Новинарите во редакциите ретко пријавуваат случаи на родова дискриминација до надлежните институции. Истанбулската конвенција беше вградена во законодавството усвоено на почетокот на 2021 година. Практиката покажува дека имало многу родови закани и вознемирувања кон новинарките“, пишува во извештајот за Северна Македонија.
Извештајот констатира дека е воспоставена практика на јавна осуда на нападите врз новинари, но и дека има примери на политичари и јавни функционери да навредуваат и да им се закануваат на новинарите и медиумите, со што создаваат „средина за несигурност и страв кај новинарите“.
Од друга страна, во извештајот се посочува дека соработката на ЗНМ со МВР е редовна, а односот на полицијата кон новинарите задоволителен. „МВР спроведува редовни обуки за полициските службеници во рамките на кои тие се запознаваат со основните стандарди за почитување на човековите права. МВР и ЗНМ имаат воспоставено редовна соработка. Во текот на 2020 година, односот на полициските службеници кон новинарите и медиумските работници беше на задоволително ниво“, пишува во извештајот.
Неефикасни истраги, само две обвиненија за онлајн напади, критики за обвинителството, судството и полицијата
Најмногу забелешки во Извештајот за Северна Македонија има во делот за соодветно процесирање. Тие се однесуваат на неефикасноста и нетранспарентноста на истрагите за напади, при што се посочува дека истрагите се генерално бавни и неефикасни, и не се покренати обвиненија против поединечни напади врз новинари.
„Во надлежните институции нема посебни одделенија или специјално определени лица за спроведување истраги за напади врз новинарите. Не се усвоени конкретни упатства кои можат да помогнат во поефикасно спроведување на истрагите. Има соработка меѓу надлежните институции, но не резултира со доволна ефикасност во откривањето на сторителите на нападите. Јавните обвинители се прилично инертни во поведувањето на постапките“, се вели во извештајот.
Во Извештајот се посочува дека нападите врз новинарите понекогаш не се квалификуваат како кривични дела, поради што новинарите се принудени да поднесуваат приватни тужби наместо обвиненијата да бидат покренати по службена должност.
Кривичниот законик го признава вознемирувањето како кривично дело, и регистрирани се 8 сериозни онлајн закани кон новинари, но, според извештајот, МВР не реагирало доволно ефективно и не дало никакви информации за тоа како постапило во пет од вкупно шест пријавени случаи на онлајн напади врз новинари во 2020 година.
Забелешки се упатени и на адреса на судството. Според истражувањето, општа оценка е дека „судовите не се доволно транспарентни во однос на водење судски постапки за напади врз новинари или медиуми“.
Во извештајот понатаму се посочува дека Основниот граѓански и кривичен суд во Скопје не дава детални информации за судските постапки за напади врз новинари кои се случија во последните години, а судовите немаат практика да ја информираат јавноста за постапки против новинари или во кои новинари се странки поради повреда на нивните права во насока на нарушена безбедност.
„Дополнително, автоматскиот информациски систем за управување со предмети (АКМИС) не дава можност за прецизно пребарување на минати и тековни постапки во кои странките се новинари и со тоа јавноста има потешкотии да пристапи до овие информации“, се констатира во извештајот, во кој се посочува и дека надлежните институции и судови немаат воспоставено квалитетни статистички системи, врз основа на кои можат да доставуваат точни и расчленети податоци за сите судски постапки во кои странки се новинари или медиуми, бидејќи базите на податоци на судовите не дозволуваат расчленување на податоците.
Актуелна безбедност: Три закани и два физички напади врз новинари, напаѓачите најчесто функционери или лица блиски до политички партии
Според Индексот, само некои од наведените видови закани во 2020 година немаат за цел да ја загрозат физичката безбедност на новинарите, а напаѓачи биле поранешни функционери, поединци блиски до политичките партии и (во еден случај) полицајци.
„Во 2020 година се регистрирани три закани насочени кон загрозување на физичката безбедност или животот на новинарите. Сепак, загрижувачки е што напаѓачите се политичари или поединци блиски до политичките партии. Во 2020 година се регистрирани два физички напади врз новинари. Во двата случаи има индиции дека напаѓачите се лица блиски до политичките партии. Регистрирани се два случаи на закани кон медиумите. Во двата случаи, заканите кон медиумите се должат на нивната истражна работа за корупциски случаи или критички изјави во јавноста“, се вели во извештајот за Северна Македонија на Индексот за безбедноста на новинарите на Западен Балкан.
***
Индексот се потпира врз истражувачки податоци за неколку различни сфери поврзани со „безбедноста на новинарите“, кои се изработени во форма на индикатор, а се собрани и анализирани од партнерите во Платформата врз основа на ригорозна истражувачка процедура изработена со Институот РЕСИС од Скопје, со цел да се измерат преку бројки промените во седумте земји од Западен Балкан за минатата година. Референтните вредности во индексот се оценуваат од 1 (најлошо) до 7 (најдобро), во четири посебни области:
- Правно и организациско опкружување – на постоење и спроведување на законски заштитни мерки релевантни за безбедноста на новинарите
- Соодветна превенција – постоење и имплементација на низа превентивни мерки кои имаат директни ефекти врз заштитата и безбедноста на новинарите;
- соодветно процесирање – однесувањето на државните институции и јавните службеници кон новинарите и ефикасноста на кривичниот и граѓанскиот правен систем за истраги на закани и акти на насилство врз новинари;
- Актуелна безбедност – инциденти и случаи на различни форми на закани и дејствија на насилство врз новинарите и медиумите.
Во наредните години, подобрувањето или влошувањето на состојбата во сите земји ќе се мери земајќи ја предвид оценката за 2020 година како референтна година, стои во извештајот.