Во најновото издание на КОНТЕКСТ, емитувано на 1 април, новинарскиот ветеран Зоран Иванов отвори сериозна дебата за односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, како и за начинот на кој идентитетските прашања се користат во домашната политика.
Во разговорот со Џабир Дерала, Иванов оцени дека спорот со Софија е „вештачки напумпан“, а одговорноста за неговото одржување ја гледа пред сè во политичките елити.
„Дали Бугарија не признава од 1944 или од 904-та или од времето на Александар – тоа не е наш проблем, тоа е проблем на Бугарија,“ истакна Иванов.
Според него, актуелната власт не успева јасно да ја комуницира позицијата кон граѓаните, додека опозицијата нема доволно силен политички и комуникациски капацитет да ја артикулира темата.
„Мислам дека е вештачки напумпано и ниту опозицијата има добар пиар за да им го објасни тоа на граѓаните.“
Иванов оди чекор понатаму, обвинувајќи дека владините политики се усогласуваат со интересите на официјална Софија:
„Мислам, не знам, ама оваа наша актуелна Влада како да работи за официјална Софија.“
Тој потсети дека спорот со Бугарија има длабоки историски корени, поврзани со периодите на негирање на македонската нација и јазик од бугарска страна, особено по смртта на Ѓорѓе Димитров и доаѓањето на власт на Тодор Живков.
„Не може ти во Бугарија да го решаваш живковизмот. Они имаат декларација, ние имаме декларација и тука сме фит-фит.“
Како можни одговори на евентуални притисоци и условувања од Бугарија во рамки на европските интеграции, Иванов посочи две опции:
„Ако има непринципиелни барања од Бугарија, имаме два клучни елементи – да ги замрзнеме преговорите или да ги напуштиме и да ја завршиме приказната.“
Од друга страна, Дерала ја прошири дискусијата кон поширок геополитички контекст, изразувајќи сомнеж дека политичките потези на Владата се резултат на координација со други центри на моќ.
„Мислам дека не работи за Софија, туку за еден друг центар на моќ, во координација со Белград и Будимпешта.“
Тој ја проблематизираше и неодамнешната посета на македонскиот премиер на Унгарија, во пресрет на важни избори таму:
„Дванаесет дена пред избори кои се клучни во Унгарија, премиерот оди во Будимпешта – зошто? Да му однесе поддршка на Орбан? Не во мое име.“
Во овој контекст, Дерала индиректно упати на влијанието на унгарскиот премиер Виктор Орбан, како дел од поширока политичка оска во регионот.
Најсилната порака од разговорот, сепак, се однесува на трансформацијата на идентитетот во инструмент за политичка мобилизација и манипулација.
„Не знам зошто премиерот е толку уплашен за својот идентитет – да се погледне во огледало и да се запраша дали е Македонец или не е,“ изјави Иванов.
Разговорот со Зоран Иванов јасно покажува дека политичката реалност во Северна Македонија не е само резултат на настани, туку и на начинот на кој тие се претставуваат и интерпретираат. Во таков контекст, појавата на појасен и поодлучен проевропски став – како оној на СДСМ и Венко Филипче – е важен сигнал, но недоволен. Партиските ставови се само еден дел од големата слика. Без медиумски и општествен простор во кој тие ставови ќе станат видливи и влијателни, нивниот ефект останува ограничен.
Б. Јордановска












































