„Јас сум секогаш она што во тој момент го доживувам како најзагрозено, кога сум во Загреб тогаш сум Босанец, кога сум во Босна, тогаш сум Хрват, кога сум меѓу националисти од различен вид тогаш сум Југословен и тоа е навистина така“ рече Миљенко Јерговиќ еден од најпознатите писатели од поранешните ју простори во интервју за „Трн“.
Тој додаде дека кога е на место и ситуација во која природно се чувствува, тогаш едиснтвено е Миљенко Јерговиќ и ништо повеќе од тоа.
„Јас не сум од оние луѓе кои многу сакаат да патуваат и многу сакаат да запознаваат нови светови и земји, ама исто место, ист град би можел да го посетам и илјада пати. Јас мојата книженост и приказните ги извлекувам од упорно гледање во исти градови, исти предели, исти работи“ вели Јерговиќ.
Писателот во интервјуто истакнува дека тој не пишува размислувајќи за публиката, бидејќи така ќе почне да пишува на нечин што се очекува од него, а не онака како што изворно му доаѓа.
„Моите книги се преведени во некои многу оддалечени култури од нашите и секогаш многу се изненадувам кога гледам дека на некој многу далеку му е разбирливо тоа што јас го пишувам.
Истата таа работа би можела да се каже за таканаречените нови генерации кај нас, ама од друга страна постои некоја универална емоција или искуство или универзално раскажување, бидејќи ако разбираат што се случува кај античките богови и херои, тогаш и ова би им било разбирливо, само две генерации наназад“ вели Јерговиќ.