Во регионот, само жителите на Србија имаат повеќе регистрирано оружје од граѓаните на Македонија, според податоците на „Вашингтон пост“ од 2016 година. Овие податоци посочуваат дека во Македонија има 24,1 парчиња регистрирано оружје на 100 жители, или, речиси секој четврти жител поседува оружје.
Сајтот „Славорум“, кој ги пренесе овие податоци, предупредува дека тие не треба да бидат сфатени сериозно, бидејќи во многу држави има и многу нерегистрирано оружје, што значи дека бројките на мапата можат да бидат и многу поголеми.
Според тие податоци, Србија има 37,8 парчиња оружје на 100 жители, втора е Македонија со 24,1 парче оружје, а следуваат Црна Гора 23,1, Хрватска 21,7 и Босна и Херцеговина 17,3.
Жителите на Чешка имаат 16,3 парчиња оружје на 100 жители, Словенија 13,5, Русија 8,9, Словачка 8,3, Белорусија 7,3, Украина 6,6, Бугарија 6,2, а најмалку оружје на 100 жители имаа Полска – 1,3.
Според истите податоци, на ниво на цела Европа најмногу оружје на 100 жители имаат Швајцарците – 45,7.
По повод годинешното одбележување на Глобалната недела на акција против оруженото насилство, која ЦИВИЛ – Центар за слобода, во партнерство со Меѓународната акциона мрежа за мало оружје (International Action Network on Small Arms – IANSA), ја одбележува од 2002, ЦИВИЛ предупреди дека легалното оружје во Македонија не е под сериозна контрола!