Министерството за труд и социјална работа информира дека во периодот од 29 јуни до 1 јули 2017 година, за време на топлотниот бран, дежурните екипи на Државниот инспекторат за труд извршиле 97 инспекциски надзори од областа на безбедноста и здравјето при работа на целата територија на Република Македонија.
Од инспекциските надзори извршени во дејностите – градежништво, конфекциски погони, складирање на отпад и земјоделие, се донесени решенија за забрана за работа за 37 правни субјекти, а на останатите контролирани правни субјекти им е укажано на обврската за почитување на соодветните препораки.
Министерството за труд и социјална политика отвори и линија за пријавување на прекршување на препораките за работа на отворено, за време на најжешките денови. Бројот на кој може да се пријави прекршување на препораките е 075/402856.
Минатата недела, на седницата на Владата, се донесе одлука препораките да ги почитуваат и државните органи и јавните претпријатија и установи. Бремените жени и хронично-болните на возраст над 60 години, да бидат ослободени од работа, а градежните работници да не работат на отворено од 11 до 17 часот, се дел од препораките на Министерството за здравство што Владата ги усвои поради топлотниот бран што ја зафати Македонија.
Откако Владата излезе со препораки, забележани се повеќе прекршувања низ земјата.
Граѓански новинар, соработник на ЦИВИЛ Медиа, во петокот околу 11 часот, забележа градежни работници на терен, и покрај препораките на надлежните институции, во екот на пеколните горештини, од 11 до 17 часот, да нема работници на отворено.
Тројца градежни работници од скопската фирма „Синтек – Инженеринг“ се здобиле со тешки телесни повреди, при пад од монтажно скеле поставено на височина од околу 5 – 6 метри, на автопатот Скопје – Куманово, кај клучката во село Миладиновци.
М. И.