Локалната власт во Валандово го опструира закажаниот референдум на 20 август, градоначалникот е презафатен за изјава за медиумите, плакатите на граѓанската инцијатива се кинат и уништуваат…
„Во периодот од 20 дена пред референдумот, иницијативата има законско право да го промовира. Но, информативниот материјал којшто викендов беше залепен низ Валандово и околните села – е искинат и уништен! Дури, добивме информации дека во едно село и на камера е ‘фатен’ советник во Општината како го уништува материјалот! Претставници на локалната власт шетаат по куќи и се закануваат да не се излезе на референдумот… Градоначалникот на Валандово Николче Чурлинов нема издадено ниту еден проспект, ниту еден плакат за референдумот, иако му е законска обврска да го промовира референдумот… Во Богданци и Гевгелија, градоначалниците делеа флаери и ги промовираа референдумите, но во Дојран и Валандово ситуацијата е сосема спротивна. Ние секојдневно пријавуваме во МВР, но заега нема разврска…“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Јован Џалев еден од поддржувачите на идејата за референдумско изјаснување на граѓаните за изградба и функционирање на рудници на територијата на општина Валандово.
ЦИВИЛ Медиа се обиде да добие изјава од градоначалникот Чурлинов, но тој во телефонски разговор ни рече дека е презафатен и дека изјавата ќе можел да ја даде дури во понеделник. Не упати на изјава кај портпаролот на Општината, кој не се јавуваше на својот мобилен. Иако валандовчаните собрани околу ницијативата „Спас за Валандово“ („SOS Valandovo“) бараат да се сочува животната средина и земјоделскиот карактер на општината и тврдат дека се работи за историска борба, локалните власти во Валандово, по пример на оние од Дојран, немаат слух за барањата на граѓан(к)ите.
Иницијаторите пак, почнуваат со караван на секојдневни средби и трибини низ целата општина.
Валандово се избори за референдум на 20 август откако со осум гласови „за“, советниците на општината по вторпат донесоа одлука за референдумско изјаснување.
Маја Ивановска