„Одлучивме да ги дадеме нашите потписи на втората партија според бројот на освоени пратенички мандати, значи, на СДСМ, со цел да го добие мандатот за формирање нова влада. Но, тоа не значи дека би гласале, или би биле дел од владата којашто тие би ја фомирале“, изјави , за ЦИВИЛ Медиа, Африм Гаши, член на Претседателството на „Беса“.
Пренесувајќи го ставот на партијата, Гаши вели дека СДСМ треба да го добие мандатот и да го започне процесот на преговори. Но, потенцира дека доколку не бидат земени предвид, заложбите и нивната изборна програма, „Беса“ нема да биде дел од идната влада.
„Доколку преговорите не се одвиваат согласно со нашите принципи, со политичката платформа, ако е нешто во спротивност на тоа, но и Платформата што ја потпишавме со другите партии, ‘Беса’ нема да биде дел од власта“, акцентира Гаши.
Инаку, ‘Беса’ на предвремените парламентарни избори, што се одржаа на 11 декември, се профилираше како нов релевантен полички субјект на сцената, меѓу партиите на етничките Албанци и освои пет пратенички мандати.
М. Талеска