„Да не ги заборавиме малцинствата. Тоа никако! Малцинствата, што и да се подразбира под тој поим, сеедно, уживаат посебна почит во ова општество. На пример, хомосексуалците се дел од секој политички концепт, но и верски, па и кафански. Во оваа исконска земја, малцинствата се толку почитувани, што дури и оние што се мнозинство, општеството се труди да ги претвори во малцинство – како жените, на пример.
Понатаму, постои голема почит и сплотеност меѓу етничките заедници, и малите, и големите. Дури и места во затворите се резервирани секогаш повеќе за помалите, отколку за поголемите етнички заедници. Колку благородно!
Цели политички кариери, но и многу повеќе од тоа, цели политички партии со стотици илјади луѓе, нивни членови, гласачи, па и „неутрални“ поддржувачи се организирани на тој начин што дури и несвесно оддаваат почит кон различните од себе. Супер модерни и прогресивни граѓанки и граѓани се тоа.
Секој од местото во општеството каде што се наоѓа, прават сѐ што е во нивна моќ, за да чекорат кон интегрирана, мултикултурна заедница на различни, но еднакви и достоинствени луѓе. Постојано ги мислат, плетат приказни и митови за другите, го повикуваат Бог да им помогне, за што подобро и повеќе да ја изразат својата почит кон различните од себе.
И секој облик на омраза, шовинизам и дискриминација решително го отфрлаат и осудуваат. Такво нешто не се среќава често во денешно време, но, сепак, има такви нации во светот, и тоа не малку. Среќна околност е што и македонското општество токму меѓу нив.“
Извадок од колумната „Македонија, земја поубава од бајките на Дизниленд“, од Џабир Дерала.