ВИОЛЕТА СИМЈАНОВСКА
Како Македонка која живее и работи во Финска, во високообразовна институција – University of the Arts Helsinki, чувствувам одговорност да придонесам во дебатата за новиот Закон за високо образование во Македонија.
Прво, затоа што сакам да направам нешто добро за мојата земја. И второ, затоа што верувам дека одредени аномалии во системот мора храбро да се именуваат и коригираат. Мојата лична приказна е доказ дека нешто суштинско треба да се промени.
Во 2013 година докторирав на Културен менаџмент и културни политики. Пред тоа имав долгогодишно професионално искуство во полето на изведувачките уметности. Природно, дојде момент кога почувствував дека моето знаење, искуство и меѓународни контакти треба да ги пренесам на помладите генерации во Македонија.
Стапив во контакт со деканот на ФДУ, но од тој разговор излегов длабоко разочарана. Воопшто не се зборуваше за моите квалификации, научни трудови, визија, професионално искуство или меѓународни мрежи. Наместо тоа, разговорот се сведе на партиска книшка и на тоа дека треба да „фатам врски“ во Министерството за финансии. Тоа беше одлучувачкиот момент да си ја пробам среќата надвор од Македонија.
На отворен меѓународен конкурс бев избрана и добив огромна професионална одговорност. Последните шест години сум лидер на целиот оддел за Arts Management на Sibelius Academy. Не поради партиска припадност. Не поради „врски“. Туку поради квалификации, визија и докажана експертиза.
Овој личен пример не го споделувам од суета, туку како аргумент: ако системот во Македонија навистина сака квалитет, мора да создаде услови каде што знаењето и компетентноста се единствениот критериум.
Текстот е личен став на авторката.












































