Со активистката Јасмина Голубовска разговаравме за слободата на изразување во Македонија, како и за најчестите проблеми со кои се соочуваат новинарите и активистите во Македонија.
ЦИВИЛ Медиа: Што за Вас претставува слободата на изразување, активизмот и медиумските слободи?
Голубовска: Слободата на изразување за мене претставува секоја форма на уметничко, или друго поинакво мислење, искажување на мислење во форма на медиум, во форма на пишан збор, кажан збор и така натаму, коешто сепак не ги надминува границите или не се судира со правата на другите. До таму е слободата на изразување, без разлика кој како и да мисли, односно, до оној момент додека не ги навредува или не ги омаловажува останатите, за мене е дозволено, да се каже, да се мисли или да се направи. Да се искористи како форма на протест, да се искористи како форма на изразување или, пак, во наука за едукација и информација. Сето останато што значи, повик на насилство, или зборови коишто содржат негативна конотација кон луѓе или општествени состојби го сметам за говор на омраза.
Во однос на медиумите, сметам дека тие се неопходност. Медиумите се седмата сила во едно општество. Најверојатно и единствената сила којашто може да менува или дури и да поставува влади. Моќта којашто ја поседуваат медиумите, односно луѓето коишто работат во медиумите, медиумските работници и новинарите, не е само предиспозиција за постоење на општеството во целина, туку и нивната важност од аспект на тоа дека ако не постојат медиумите и нивното споделување на информациите ние не можеме да се информираме ниту да креираме мислење, ниту да знаеме што да застапуваме, како и во која насока во животот би се движеле.
На крајот, во однос на граѓанството, или граѓанското општество, а тука е секако и активизмот, ако ги поврземе сите овие работи заедно, добиваме сознанија за тоа колку може дури само една индивидуа, со минимални услови во денешно време да биде активен граѓанин, којшто може да известува или да споделува информации за општото добро. Да, истата оваа политика може да се искористи и за општото зло, меѓутоа, претпоставувам дека тоа е мечот со две острици, кога станува збор за слободата на изразување, демократските општества и граѓаните.
ЦИВИЛ Медиа: Дали гласноста е доволна за да се промовираат овие три сегменти од нашиот општествен живот?
Голубовска: Можеби не е доволна, но е почетна. Затоа што секоја таква информација, којашто сме виделе често пати дека знае да мотивира или знае да повлече лавина на поддршка во однос на некои одредени прашања, јавни прашања од јавен интерес, доволна е понекогаш една фотографија за да покрене иницијатива кај некоја поголема група на луѓе. Доволен е понекогаш само еден гест, или едно видео, или било која забележана аномалија во општеството којашто можеби сите сме ја виделе, сме ја одминале поради икс причини, меѓутоа еден којшто ја забележал не потсетува дека е нешто сериозно коешто треба да се промени. Промена која е од јавен интерес. Па во тој однос би рекла да, но дека таму завршува работата, тоа апсолутно не е така. Бара работа и потоа, односно ангажирање и по споделување на информацијата.
ЦИВИЛ Медиа: Дали некогаш сте се соочиле со притисоци, уцени и закани од политички и бизнис центри на моќ и како се справувате со истите?
Голубовска: Па, да. Ние имавме прилика да почувствуваме како е кога одредени лица на власт го користат системот за репресија и контрола, наместо за прогрес, особено социјален и културен прогрес на општеството. Во целиот период додека бевме на улица имавме различен тип на закани, но целта беше секогаш иста, да нѐисплашат. Притисоците беа од следење, до користење на службени лица од посебни полициски единици. Имавме и по некоја пријава, особено од последните протести. Тоа не е ништо страшно, ќе одиме да се соочиме. Јас сметам дека правдата е на моја страна и ќе си го бранам правото на протест и правото на слободно изразување токму преку она што се користеше, а тоа беше бојата, по чие бришење се укажа дека нема материјална штета врз институциите, а со тоа и нема дело. Така што не верувам дека тука ќе има некаков негативен епилог.
ЦИВИЛ Медиа: Како можеме да ја браниме стекнатата слобода? Колку слобода всушност ние стекнавме?
Голубовска: Чекор понапред не е во онаа форма во која ние сега би сакале да видиме активно граѓанство, едуцирано граѓанство во сите социјални слоеви, тоа е невозможно. Затоа што државата е пред сѐсиромашна. Граѓаните се социјално загрозени. Тие немаат основа од којашто би можеле да тргнат за да можат да се едуцираат за тоа што значи систем, закони, обврски и права. Да знаат како да се спротистават доколку им се кршат правата од страна на институциите односно системот. Тоа е процес којшто претпоставувам дека ќе трае многу, особено затоа што таквите процеси никогаш не се враќаат наназад, односно не одат кон постарите генерации. Може само да се посветат на идните генерации. Но направен е чекор понапред. Сега ја имаме таа основа на којашто ние можеме да градиме култура на отпор, или култура на јавност, култура на сфаќање на тоа што значи граѓанство, што значи општество, што значи заедничко живеење, што значи јавен простор, што значи јавно однесување. За тоа да се постигне нам сепак ни треба здрава социјална средина, во којашто без страв можеш да ја планираш иднината.
Биљана Јордановска
Обработка на текст: Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски