Categories

КОЛУМНА Historia Magistra Vitae Est

Во својот непотпишан напис “Игра со името – дали прашањето како да се вика Македонија ќе биде решено?” [The name game – Might the question of what to call Macedonia finally be resolved?] од 6 февруари 2018 година, известувачот на “Економист” од Македонија, на еден интересен начин пишува за условувањата и пречките што Грција ѝ ги прави на Македонија во врска со уставното име Република Македонија. Од написот провејува оптимизам и поддршка на разговорите за пронаоѓање на решение во спорот кој произлегува од долгогодишните ирационални барања на Грција во однос на Македонија.

Пишува: Наум Пановски

“Ова решение може да покаже нa останатите во регионот дека нема проблем кој не може да се реши” истакнува “Економист” на крајот од  написот. И тоа е добро. Решение може и мора да има.

Се чини инаку дека написот во својот најголем дел е заснован врз формални или неформални разговори со младиот и амбициозен Министер за надворешни работи на Република Македонија. Од неговите изјави блика занесна свртеност кон иднината и волја по секоја цена да се најде како што често вели тој „достоинствено“ решение.  Неговиот исказ дека „Силите на минато се борат со силите на иднината. Митовите и возвишените умирања и победи и гордоста се важни. Ние не можеме да го промениме минатото, но можеме да ја обликуваме иднината“ е добро срочен. И тие не се нешто ново во граѓанскиот дискурс на Европа. И тоа е добро што го вели. Неговиот ентузијазам и оптимизам се за поздравување. И тие можат да имаат широка поддршка.

Меѓутоа, зад изјавите на младиот Министер, како и во изјавите на неговиот занесен и неодмерен премиер, кои се општи места и кои убаво звучат но во досегашната Балканска практика на измами и изневерени очекувања ама баш ништо не значат, се појавуваат празнини кои кријат неколку многу сериозни замки, а и несакани последици.

Пред сѐ, она што застрашува е впечатокот дека и насмеаниот министер, и глаголивиот  “јас па јас”  премиер, и слаткоречивата министерка за одбрана која многу зборува, но ништо не кажува, па и другите блиски соработници,  делуваат некако како раштиман оркестар или пак како слободни стрелци.  Од нивните таканаречени транспарентни изјави јасно се гледа дека новата влада која работи со методите и манирите на старата влада, нема ни концепт, a ни компас каде оди и што сака.  Која е нејзината цел.  Самодоволното и самоволното однесување во донесувањето на одлуки во надворешната политика кои се однесуваат на државните интереси на Република Македонија во тесен круг јуноши, зад затворени врати, без Совет за надворешни работи и без консултации со искусни познавачи на дипломатијата, културата, правото и историјата, без претходно договорена јасна стратегија и цел што е прифатливо, а што не, што е можно, а што не, што е интерес на државата, а што не, го доведува во прашање праведниот и посакуваниот исход на овие изнудени преговори кои ја отвораат политичката врата на Македонија кон Европа. Односно, таквото ударничко однесување и кампањското разговарање – преговарање на акцијашко ураааа, односно тогаш кога ќе нѐ стават во тесно, ни сугерира дека имаме работа со слаби ученици кои не си ги завршиле домашните работи на време. Затоа што, да ја парафразираме мудрата Хана Аренд, оној што не ја знае и не учи ништо од историјата, скапо ја плаќа својата иднина.

За што, всушност, станува збор. Пред сѐ, станува збор за реалноста во која се наоѓа Република Македонија и за цената што таа ја плаќа, која од една страна, се должи на фактот дека Република Македонија е само еден дел од географската територија Македонија, и од друга страна, цената што ја плаќа од бруталните последици на граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949, а кои постојано се ставаат под тепих. Тие две работи се, се чини, во срцевината на овој проблем.  Ако само малку се прочепка низ архивите на Американскиот Државен Департман [State Departament] и ако се погледаат објавените документи од архивата на ЦИА, многу лесно може да се види дека, всушност, во Грција сѐ уште се води една идеолошка војна, истата онаа од 1946 до 1949 што монархофашистите ја водеа против Демократската Војска на Грција (ДАГ) во која се бореа и огромен број Македонци, и која за демократскиот либерален свет е завршена со паѓањето на берлинскиот ѕид.

Меѓутоа, таа војна која се претвори во грабеж на територии во името на крвта и тлото, за жал, само во Грција сѐ уште трае. И таа војна Грција и денес ја води на подмолен начин, со уцени, закани и пред сѐ од монархофашистички позиции. Тие мрачни сили од минатото, кои на Македонските преговарачи очигледно не им се познати, а кои западните дипломати во името на заштита на својата стабилократија ги премолчуваат,  па затоа упорно је промовираат стабилноста пред демократијата, имаат за жал сѐ уште силно упориште во грчката домашна и надворешна политика, која од друга страна има сериозни проблеми и со демократијата и со почитувањето на човековите права.

Но, таа има исто така сериозни проблеми и со добрите намери, со искреноста, и со данајските дарови што ги носи. Од тука се и сите тие анимозитети кон Република Македонија и кон нејзиното раѓање како држава во периодот на антифашистичката борба во текот на Втората светска војна предводена од македонските борци антифашисти. Од тука и фабрикацијата дека Македонија е Титова творевина, односно негов комунистички конструкт. Тито, за среќа, знаеше како со нив и како да ја сочува Македонија како федерална држава во границите на поранешна Југославија. Токму затоа и грчките монархофашисти сиве овие години дуваат во иста тиква со македонските фашисти и скриени бугарофили ројалисти од редовите на разните формации под име ВМРО. Секако, во целиот тој процес на нови неофашистички пројави во Европа не се исклучени ни другите неодамна пробудени фашисти на Балканот и во неговата околина. Дипломатското премолчување на овие факти во „обликувањето на иднината“, како што вели надежниот млад министер, е ништо помалку од амнестија на фашистичките злочини на балканската крвава ветрометина. Тоа не ги помирува спротивностите, туку ги зголемува. Не треба да се заборави дека сѐ уште има живи сведоци – жртви на тој фашизам.

Ако се има на ум овој контекст, а очигледно се нема, затоа што македонската политика и дипломатија, која, за жал, како што се покажа досега, е пред сѐ сервилна, пасивна, дисфункционална и непродуктивна, тогаш сосема е јасно дека радикално мора да се промени пристапот кон овие замки кои се вешто поставени од страна на грчката дипломатија.  Како и секоја добра дипломатија така и во случај со грчката, се гледа дека таа сериозно и темелно ги брани своите империјални државни интереси.

Меѓутоа, како понатаму? Како надвор од слепата улица на која што браќата по фашистичка крв и во Македонија и во Грција, со својот националистички радикализам дигаат големи ѕидови и ги задушуваат сопствените граѓани.

Овој коментар нема намера да дава совети и да дели памет. Тие кому им е наменет и онака се глуви и слепи за сѐ она што доаѓа од надвор, а особено од оние кои поради нив со години живеат во егзил.

Меѓутоа, сеедно.  За добробит на граѓаните на Македонија и за оние ретки и љубопитни ученици после нас кои сепак можеби ќе научат нешто од историјата, таа безмилосна учителка на животот,  која што сега се пишува на балканскиот простор, мора да се каже збор – два.

Пред сѐ, македонската надворешна политика, а со тоа и нејзината дипломатија мора да се однесува проактивано, а не пасивно и сервилно. И да појасниме: проактивно не е дали Заев ќе стави вратоврска или не, туку да покажува инцијативи и да нуди идеи и решенија за излез од апсурдистанот што дрско го наметнува постојаниот експанзионизам, не само на Грција, туку и на другите нејзини соседи. Тоа значи дека македонската дипломатија мора на преговарачките маси да постави свои реални барања, а не само да реагира и да ги балансира барањата на преговарачите од другата страна на масата.

Во овој случај, со наметнатите ирационални барања од страна на Грција, македонската дипломатија мора да  бара реципроцитет, а со тоа да го отвори прашањето на бегалците и жртвите од граѓанската војна во Грција. А такви жртви има на обете страни. Односно, жртви на монархофашистичкиот геноцид во и по граѓанската војна во Грција се и Македонци и Грци. И тоа не е национално прашање, туку хуманитарно. Тоа е прашање на човекови права. Извинување, а и обесштетување на жртвите на тие злочини од грчка страна мора да има. Затоа, компромисот не е еднонасочна улица. Компромис значи кога двете страни прават отстапки и кои наоѓаат решенија, кои се во корист на граѓаните на двете страни и кои ги затвораат мрачните и непријатни петна од минатото. Компромис не е кога еден ти ги затвора границите и граѓанските перспективите кон цивилизирана Европа, кога ти ги ограничува слободите, а потоа од позиција на сила и привилегии, те уценува да ги прифатиш неговите дрски услови. Тоа се вика барање капитулација, а не добрососедски компромис.  И да повториме уште еднаш: безусловното прифаќање на тие услови е амнестија на злочинот и афирмација на фашизмот.

Уште повеќе, македонските политичари и политичарчиња треба на своите граѓани едноставно, прецизно и јасно, со визија за иднината, а не со кампањи, ударнички акции и празни ветувања за подобро утре, како да со влегувањето во НАТО и ЕУ веднаш да ќе потечат мед и млеко, да им објаснат дека Република Македонија се простира на само една третина од географската целина Македонија. Тоа е денешната сурова реалност. Па, според таа реалност, прилагодувањето на името на државата не само што е прилагодување кон новите реалности, туку и неминовен процес.  А такво топонимско прилагодување треба секако да се бара и од Грција во однос на претензиите на „нивно ексклузивно“ право да го користи името Македонија. Исто така, мора да биде јасно секому во Македонија дека многу народи сѐ уште постојат, иако немаат свои држави. Курдите и Палестинците на пример немаат свои држави но се народи со идентитет, јазик, и култура, кои жестоко се борат за своите права и својата државност. Тоа што разно-разни кафеански ескперти и македонофоби ја прождраа и урнисаа АСНОМ-ска, антифашистичка Македонија, е само камче во големиот мозаик кој го отсликува недостатокот на капацитет на Македонците, како народ/нација, кои за жал покажаа досега дека не се способни да имаат своја држава. И онаа што им беше подарена од нивните татковци и мајки не успеваат да ја сочуваат.

Сето тоа нѐ наведува и на уште еден заклучок. А тоа е: на Македонија ѝ е потребно да најде праведно и правно издржано решение, што е производ на рационален пристап кон жешкиот костен во нашите раце, а не достоинствено решение кое ги храни емоциите и поттикнува понатамошни национални возбуди и нетрпеливост.

Секако, постојат уште многу работи кои што насмеаните македонски политичари, кои повеќе се однесуваат како модни манекени, а не како сериозни водачи со идеи, треба да ги научат, ако сакаат да направат нешто за иднината на Македонија и ако сакаат да остават нешто зад себе во историјата.  Ако се уплашени од своите сонародници кои бесплатно им ги нудат своите искуства и знаења, а такви ги има многу низ светот, постојат посебни школи и за дипломатија, и за преговарање, и за демократско политичко управување. Можат да појдат таму и да учат.  Со тринеделни летни курсеви на Тафт или со шминкерска година дена на Кингс Колеџ во Англија не се станува ниту лидер ниту дипломат. Тие работи се учат секојдневно и помагаат во зреењето, во професионалната компетентност, и во пронаоѓањето на праведни решенија.

Print Friendly, PDF & Email