По 10 години, некои ги отворија очите. Ја видоа својата земја речиси уништена, на работ на амбисот. А во тоа уништување учествуваа и самите, со својот молк, апологирање и релативизирање.
Сега, по 10 години, отворија очи и уста. Шуќур. Но, наместо да помогнат да излеземе на чисто, да зачекориме кон иднината, тие нѐ канат да скокнеме во амбисот. Продолжуваат да туркаат кон провалијата, со вербално насилство и омраза, со деструктивност и немање никаква алтернатива за извесната иднина и прогрес што сакаат да го спречат.
Прашањето алтернатива и чаре без ЕУ и НАТО никој досега не го одговорил сериозно. Ниту најбогатата партија на Европа, ниту „спутниците“ кои заговараат бојкот.
И молам без идеализирања од типот „сами да се средиме“. Оти, за тоа, искуството покажува, ниту сме доволно кадарни, ниту имаме трпение и меѓусебна разбирачка (или општествен консензус).
Во таков автономен долготраен ем макотрпен процес, ако не успееме на 30 септември, ќе треба сами да учиме од сопствените грешки, да се храбриме меѓусебно и носиме со одговорностите на еден тежок пат, далеку потежок и многу подолг од оној кој ни се нуди сега, со помалку пријатели а повеќе волци а богами и мечки околу нас.
Нашата јавност и општество се прилично уништени за да го понесат тој товар. Земете било која тема за која дискутираме денес на социјалните мрежи и направете анализа колку е се тоа блиску или далеку од суштината. Затоа ни требаат пријателите од Запад.
Или, подобро мечка да игра оро, а народ да гледа сеир. На сопствената судбина. Не знам дали се гледа ова од таму горе, од височините на сезнајниот Македонец или Албанец, сеедно.
Илустрација во прилог на текстот: Мирослав Стојановиќ – Шуки
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
Преземање на содржините под различни услови од наведените НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.