Демократската унија за интеграција (ДУИ) испратија соопштение, односно објаснување, како што наведуваат, дека претседателот Али Ахмети не спомнал непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните во контактните емисии.
„На синоќешниот собир со граѓаните во Гостивар, претседателот на Демократската унија за интеграција, г. Али Ахмети зборуваше за недостигот на ангажман од страна на македонските политички партии со граѓаните во контекст на односите со Албанците, затоа што е вознемирувачка омразата кон албанските лидери на државните институции, која се прикажува од македонските граѓани во контактните емисии на македонските телевизии со етикети како Бугар Османи, Артан Груби терористот, навреди кон самиот Али Ахмети и другите. Тоа е последица на неработењето на македонските политички партии со граѓаните и намерното продлабочување на поделбите помеѓу народот.Г-дин Ахмети не спомна непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните, поттикнати од политичките партии во контактните емисии на овие телевизии“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Ахмети и ДУИ се сојузници на медиумите, граѓанското општество и слободата на говорот, а тоа го имаме докажано во изминатите 22 години во нашето секојдневно дејствување, додаваат од партијата.
Соопштението доаѓа како реакција на лавината реакции кои денеска беа упатени поради изјавата дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети на партиски настан, медиумите (Алфа и Телма) ги нарече непријатели на Албанците.
За време на говорот во Гостивар тој ги коментираше поделбите во партијата, и кажа дека овие поделби им служат само на непријателите на Албанците.
„Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира на непријателите на Албанците, тие „аплаудираат“. Алфа, Телма, Мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо“, рече Ахмети.
Н. А.