ТЕМА НА ДЕНОТ
Дводневен министерски состанок на ОБСЕ во Скопје
Со завршна прес конференција заврши 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, на кој учествуваа околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери, а домаќини беа Северна Македонија и главниот град Скопје.
Премиерот Димитар Ковачевски, отворајќи го состанокот, порача дека визијата на ОБСЕ како платформа за кооперативна и сеопфатна безбедност, беше сериозно тестирана во реалноста, а најмногу директно почувствувана од украинските граѓани. Мисијата на ОБСЕ во 2023 година се фокусираше и на спроведување проекти за мало и лесно оружје (МЛО), како што е подобрување на капацитетите во полицијата за нивно откривање, но и подигање на јавната свест за опасностите од нивно користење, порача денеска амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
ОБСЕ е живо, неговата вредност е колку повеќе се користи за надминување на несогласувањата. Блокадата или непочитувањето на принципите на Организацијата е директна закана кон нејзините основни вредности за кои се заложува уште од 1975 година, како и критиките за руската агресија врз Украина се главните пораки што беа испратени од Министерскиот совет на ОБСЕ што вчера се одржа во Скопје.
Европските лидери ја осудија руската агресија врз Украина и упатија силна поддршка за украинскиот народ, а дел од нив ја напуштија салата за време на обраќањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Поради доаѓањето на Лавров во Скопје, министрите за надворешни работи на Украина, Естонија, Летонија, Литванија, Романија и Полска го откажаа своето учество на Министерскиот совет, но делегации од земјите како и дел од нивните амбасадори во ОБСЕ, сепак, допатуваа на состанокот.
Украинскиот амбасадор во ОБСЕ, Евгениј Цимбаљук во обраќањето на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје, изрази благодарност до сите земји за поддршката на Украина во борбата за слобода против Русија, со кое, како што рече, придонесуваат и за одбрана на иднината на ОБСЕ.
Лавров го злоупотреби и го пречекори времето што му беше дадено за да се обрати на Самитот, спроведувајќи ја својата агенда полна со дезинформации и руска пропаганда, без да води сметка за причината поради која му беше овозможено да присуствува во земја членка на НАТО.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Кој лаже и кому не може да му се верува слушнавме најубаво вчера од помошникот државен секретар на Америка и од кого ни кола не треба да се купи и за кого не треба ни да се гласа“ рече премиерот Димитар Ковачвски во Собранието на седницата за пратенички прашања.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Една од најострите пораки што беа упатени вчера на адреса на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, беше токму од ЦИВИЛ. Организацијата упати остро соопштение за јавноста во кое кажа дека Лавров „не е добредојден“ во Северна Македонија. Лавров допатува во земјава за да учествува на самитот на ОБСЕ кој се одржува во Скопје.
*
Народниот правобранител на Украина ја обвини Русија дека ја блокира секоја размена на воени заробеници меѓу двете земји
*
„А Украина, што ќе биде со неа? Ех, демек судбината на Украина зависи од пустите разговори на широките конференциски маси, со цветни аранжмани, чашки со вода и кафе, помеѓу благородните дебатирања на соговрниците. Сите ние правиме избори во својот живот, граѓаните го бараат изборот за релативно пристојно да преживеат, во љубов, мир и разбирање (како што ни пееше Nick Lowe во истоимената поетика), политичарите бараат алтернативи кои ги нуди таквиот образец. И се прегрупираат, го изнесе својот став Ненад јовановиќ.
КОНФЛИКТИ
Израел ги продолжи борбите во Газа неколку минути по завршувањето на привремениот договор за прекин на огнот и го обвини Хамас дека го прекршил примирјето. Хамас го обвинува Израел, велејќи дека ги одбил понудите за ослободување на повеќе заложници.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Казна затвор од две години и шест месеци за поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири за злоупотреба на службената положба и овластување.
СОЦИЈАЛНА ПРАВДА Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес се обрати на панел дискусијата „Стареењето и миграцијата: двојни демографски предизвици во Северна Македонија“ во рамки на конференцијата организирана од страна на Светска Банка по повод 30 години партнерство меѓу Северна Македонија и Светска Банка.
КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ КOП28 е официјално најголемиот самит на ОН за климата досега, со 80.000 учесници регистрирани на список кој — за прв пат — покажува за кого работат. До оваа година, оние што учествуваа не беа обврзани да кажат за кого работат, што го отежнуваше откривањето на лобистите и идентификувањето на потенцијалниот конфликт на интереси на преговарачите.
АЛ-ПРЕС
Редакциски избор од албански медиуми: Шефот на косовскиот претседателски кабинет даде оставка; правда и нестигматизација за мажите жртви на сексуално насилство за време на војната во Косово; паѓа ветото на Грција за Албанија
МУЛТИКУЛТУРА
Учениците од општина Кочани со пораки за мултукултурализмот и почитување на различностите
ЦИВИЛ во соработка со Општина Кочани денеска одржа мултимедијален настан „Заедно за подобра иднина“ во Кочани. Ученици од четири основни училишта во општината учествуваа на конкурсот со избор од креативни творби, кои ќе бидат дел од изложбата. Со одлука на комисијата за оценување, беа доделени награди на најуспешните учесници, а ЦИВИЛ додели сертификати за учество на сите што беа дел од овие активности.
24 ГОДИНИ ЦИВИЛ
Соња Танеска, новинарка: Вистинска привилегија е да се биде ЦИВИЛ, да се биде храбар и гласен
Вистинска привилегија е да се биде ЦИВИЛ, да се биде храбар и гласен. Среќен роденден ЦИВИЛ, Ви посакувам многу успеси.
Исмет Рамадани, аналитичар: Гласноговорници на заедништвото во нашето општество
Сигурен сум дека определбата на ЦИВИЛ човекот да биде во фокусот на јавното делување на сите чинители во општеството била и ќе остане оската околу која слободната граѓанска мисла ќе гравитира и понатаму, затоа што и минатото нè учи дека секогаш кога сме се сплотиле околу овие вредности сме ги постигнале најголемите успеси како држава, а длабоко сум убеден дека и во иднина ова ќе биде единствениот прав пат за визијата на нашата генерација – Северна Македонија да биде сплотена внатре, демократски и економски развиена, и почитувана и интегрирана земја со прогресивниот свет!
ИНТЕРВЈУ
Серафимов: Државата поседува капацитети, но потребна е политичка волја за да се спроведе зелената агенда
СЛОБОДНА ЗОНА
„Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, видно исфрустриран поради тоа што остана маргинализиран на Самитот, пред учесниците на Министерскиот совет истакна дека, според него Организацијата им служи на интересите на НАТО и ЕУ и го постави прашањето дали е мудро истата да биде витализирана, кога, повторно своеволно изјави дека сегашните случувања го доведуваат во прашање и функционирањето на ОБСЕ како форум за објективно решавање на глобалните проблеми и го поткопуваат принципот на еднакви права на сите учесници. За ваквата моментална состојба во ОБСЕ, најголемиот број членки прстот го вперија токму во Русија“, пишува Драган Мишев во „Серјожа го виде НАТО“.
Подготви: Б. Јордановска